Утрински Весник
Македонија

Руската амбасада донира спомен-обележје во Општина Центар за Денот на победата над фашизмот

Руската амбасада донира спомен-обележје во Општина Центар за Денот на победата над фашизмот

На 9 мај во Скопје градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Баздникин открија ново спомен-обележје во чест на Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

Споменикот поставен на аголот меѓу улиците „9 Мај“ и „Владимир Полежиновски“, зад Универзалната сала, се состои од гранитна плоча на која со барељеф во стилот на социјалистички реализам е претставен војник кој држи автомат ППШ со тркалезен магацин и текст:

„Оваа улица е именувана во чест и спомен на 9 мај 1941 година, Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна. Вечна слава на хероите – борци од антихитлеровата коалиција кои го победија нацизмот и ги ослободија европските народи!“

Амбасадорот Баздникин укажа дека модел за спомен-обележјето е споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија што близина во 1942 и 1943 г. се одвивале тешки крвави битки во кои загинале речиси 400 илјади војници и офицери на Црвената Армија.

Градоначалникот Богдановиќ изјави дека одлуката за одобрување на спомен-обележјето Советот на општината ја донел едногласно.

Пред поставување на споменикот општината Центар заврши реконструкција на асфалтот на коловозот и дел од плочникот на улицата, при што беше преместена јавната чешма која стоеше на истото место.

Ова не е прво спомен-обележје подигнато на локално ниво по иницијатива на Русија во чест на постигнувања од времето на Советскиот Сојуз. Во 2015 г. во скопската општина Карпош беше подигната плоча во чест на космонаутот Јуриј Гагарин со текст на македонски и руски јазик.

Споменик на Јуриј Гагарин подигнат во Тафталиџе, во паркот на бул. Теодосиј Гологанов, од општина Карпош, Скопје, во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во април 2015 г. Фото: Мета.мк.

Последните неколку години на светско ниво има контроверзи околу Денот на победата над фашизмот кој во некои земји се нарекува и Денот на победата во Европа (бидејќи Втората светска војна продолжила до капитулацијата на Јапонија во август 1945 г.) со обвинувања дека одредени држави го политизираат одбележувањето со цел присвојување на историските заслуги во пропагандни цели. Инаку, во западна Европа овој ден се одбележува на 8 мај, според локалното време на потпишување на капитулацијата во Берлин.

Руското влијание во Република Северна Македонија особено се засили по 9 мај 2015 година, кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов присуствуваше на парадата организирана од Владимир Путин по повод Денот на победата врз фашизмот во Москва. Таа година знак на протест против руската агресија врз Украина, парадата солидарно ја бојкотираа скоро сите земји членки на НАТО и ЕУ, како и повеќето од земјите кандидати.

Ова отсуството од земјата на врховниот командант на македонските оружени сили побуди внимание и поради тоа што се случуваше истовремено со вооружената престрелка во Куманово.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ