Руската амбасада во Босна и Херцеговина на својот официјален профил на „Фејсбук“ порача дека нема инвазија во Украина, обвинувајќи ги САД за дестабилизација на БиХ и за подготвување на сценарио, како што се вели, слично на украинското.
Како што пишува хрватски „Индекс“ повод за реакцијата била пораката што во саботата била објавена на „Инстаграм“ од страна на американската амбасада. Во американската објава се цитирани руски официјални лица кои пред нападот на Украина велеле дека нема да има инвазија односно дека Западот шири лажна пропаганда.
„Тие излажаа“, се заклучува во пораката, во која се посочуваат изјави од луѓе како рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков и Анатолиј Антонов, рускиот амбасадор во Вашингтон.
Објавувањето на таа порака многу ги налути руските дипломати во Сараево, па тие повторно одговорија со демантирање дека е во тек инвазија на Украина.
„Како и обично, Американците лажат. Затоа што нема инвазија. Наместо тоа, има специјална воена операција за демилитаризација и денацификација на украинскиот режим“, ја повторија од амбасадата пораката од говорот на Путин.
Руската амбасада во БиХ во своето соопштение индиректно сугерира дека САД всушност подготвуваат сценарио слично на Украина за БиХ и дека всушност ја поткопуваат ЕУ како стратешки ривал.
„Токму Вашингтон е тој што всушност се меша во дијалогот во БиХ, ги поставува конститутивните народи еден против друг и се спротивставува на укинувањето на анахрониот странски протекторат претставен од Канцеларијата на високиот претставник. Во исто време, тој ‘внимателно’ ја турка таквата Босна и Херцеговина во Европската унија за да ја користи, како Косово, како ‘фитил’ против неговиот геополитички противник односно ЕУ. Ова е точно, иако во светлината на моменталната имагинарна солидарност меѓу Америка и Европа ‘за украинскиот случај’, таквата изјава може да изгледа претерано. Но, ќе дојде моментот на вистината“, се вели во пораката од руската амбасада.
СAД не се докажан пријател, туку искусен предатор, кој без двоумење ќе го остави својот сојузник на судбината доколку му се заглави опашката, се вели во соопштението на руската амбасада во БиХ.