Производството на вакцина против коронавирус за јавна употреба може да почне еден месец по третата фаза на истражувањето (пострегистрација), рече директорот на рускиот државен Центар за епидемиологија и микробиологија „Н. Ф. Гамалеј“, Александар Гинцбург.
Сите руски граѓани нема да можат истовремено да примат вакцина, рече Гинцбург, додавајќи дека производството за јавна употреба ќе почне паралелно со пострегистрациската фаза на истражувањето, но дека може да се очекува одложување на максимум еден месец, пренесува ТАСС.
Тој најави дека десетици илјади граѓани ќе учествуваат во третата фаза од истражувањето, како и дека ќе бидат проследени големи количини на вакцини за потребите на „граѓанска циркулација“, што ќе биде доволно за неколку региони во Русија.
Гинцбург рече дека е тешко да се предвиди колку дози на вакцината ќе можат да бидат произведени во текот на следните неколку недели, но дека производствените капацитети, благодарение на средствата што ги доделила владата, ќе бидат проширени до десет пати.
„Во декември ќе можеме да произведеме четири до пет милиони дози месечно, можеби и повеќе, што ќе обезбеди доволно вакцини за целата земја за девет до 12 месеци“, објави Гинцбург.