Русија сака да распореди чувари во училиштата по протестите против затворањето на опизиционерот Алексеј Навални, за да се осигура дека учениците повеќе нема да одат на тие протести, објави вчера весникот „Комерсант“.
Специјално обучен персонал треба да разговара со младите „на нивниот јазик“ за незаконските собири. Руските власти со денови се обидуваат да ги потиснат протестите на секој можен начин за поддршка на Навални.
Училиштата сега се под зголемен надзор бидејќи многу демонстранти се млади. Според активистите за човекови права, само минатата недела уапсени се 205 малолетници низ целата земја. Министерот за образование Сергеј Кравцов не сака да ја остави оваа „едукативна работа“ само на наставниците. Овие инструктори следната година треба да започнат со работа низ целата земја. Следните неколку месеци тие ќе работат во 10 региони, за што ќе добиваат дополнителни 160 евра месечно.
Кремљ се обидува да ги достигне младите генерации кои се информираат преку социјалните мрежи, наместо преку медиуми контролирани од државата. Навални (44), како никој друг политичар во Русија, се потпира на Интернет и доаѓа на државната телевизија само кога ќе се појави на суд.
Веќе се одржаа два големи протести низ целата земја, со барање за ослободување на Навални и изразување спротивставување на политиката на претседателот Владимир Путин.
Многу руски училишта дури издадоа предупредувања за протест за време на часовите, но се чини дека ова го даде спротивниот ефект: родителите во Москва објавија дека ова е првпат нивните деца да слушнат за Навални – и дека тие сега се уште повеќе заинтересирани за него.
Рускиот суд вчера ја преиначи условната казна во затвор од 3 години и 6 месеци за Навални. Како одговор на овој потег се очекуваат нови протести.