Русија најави дека привремено ќе ги ограничи летовите на цивилната авијација во регионот над Црното Море и Крим од 20 до 24 април, според оперативните информации за промените во правилата за спроведување и обезбедување летови (НОТАМ).
Зоната што е опасна за летовите го вклучува регионот над јужниот дел на Крим (од Севастопол до Феодосија), над територијалните води на Русија по должина на јужниот брег на Крим, како и над дел од меѓународните води на Црното Море.
Според најавата, во некои зони забраната за летови ќе важи само над 11.900 метри (т.е. над нивото на летот на цивилното воздухопловство), а во некои над 6.100 метри, додека во одредени области зоните ќе бидат целосно затворени.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков нема информации дали Русија привремено ги ограничи летовите над Крим и Црното Море.
На новинарско прашање дали руските власти забележуваат ескалација на напнатоста на границата со Украина, Песков одговори дека привремено се воведени ограничувања во некои сектори за воздушен сообраќај – тоа е апсолутно нормална практика во светот.
„Постојат стандардни системи за известување итн. Ова не е ништо ново“, додаде портпаролот на рускиот лидер.
Russia Blocks Flights Over Black Sea, Crimea Amid Military Drills https://t.co/LA40YHt5xM
— Isabelle Facon (@IFacon) April 20, 2021
Како што нагласи претставникот на Кремљ, елементот на напнатост во самата Украина засега не исчезна. Тој сè уште постои.
„Се надеваме на најдобро, но несомнено е потребно посебно внимание“, заклучи Песков.