Русите ја бојкотираат серијата „And just like that“ поради стереотипот за руска проститутка, а гневните руски мигранти кои живеат во САД покренаа петиција со барање за извинување.
Откако почна да се прикажува, продолжението на серијата „Сексот и градот“ наиде на критики. Овојпат, серијата ги разбесни руските гледачи ширум светот, кои го обвинуваат „Ејч-би-о Макс“ за двојни стандарди кога станува збор за инклузивноста, како и за крајно лицемерие. Гледачите ја бојкотираат серијата, а тие покренаа петиција со барање за официјално извинување, пишува „Раша бијонд“.
Бесот настана, бидејќи во осмата епизода од серијата се појавува ликот на новата сосетка на Кери Бредшо Лисет (ја игра Катерина Таненбаум), која живее под неа во најелитниот дел на Менхетен.
Убава, млада, се забавува до доцна во ноќта, а често се бакнува пред зграда со згоден маж и прави врева на скалите со пријателите, па Кери не може да спие.
Меѓутоа, она што Кери ја интересира во целата ситуација е од каде младата жена ги добила парите за отмениот стан.
„Па, таа е руска проститутка“, одговара нејзината пријателка Сима, агентот за недвижнини , додавајќи дека тоа е типично сценарио кога станува збор за скапите недвижности и станарите.
Овој коментар предизвика лавина негативни реакции, а навредените Руси објавија многу коментари по објавата на HBO на Инстаграм со која најавуваат нова епизода.
Користејќи ги хаштаговите #metoorussia и #metoorussian, тие ја обвинуваат мрежата за нетолеранција и двојни стандарди.
Гневните руски мигранти кои живеат во САД покренаа петиција на change.org со барање за официјално извинување. Мрежата, според некои корисници, била зафатена со отстранување коментари, но се чини дека не е доволно брза.