Со својот блескав ентериер и дигитално студио за танцување, раскошната вила на брегот на Црното Море во Русија, за која се вели дека е во сопственост на рускиот претседател Владимир Путин, секако стаписа многумина. Сепак се чини дека има и многу такви кои се скептични во врска со наводите во документарецот, пренесува РТ.
Новата анкета спроведена кај повеќе од 1.600 Руси од страна на московскиот центар „Левада“, проценува дека повеќе од четвртина од возрасната популација во Русија го гледала видеото што ги објави тврдењата на интернет.
Снимен од затворениот опозиционер Алексеј Навални и неговата група, Фондот за борба против корупција (ФБК), регистрирана како странски агент од руското Министерство за правда, во документарецот се тврди дека објектот вреден неколку милиони долари е тајно приватно одморалиште на Путин.
Иако привлече повеќе од 100 милиони прегледи по емитувањето на Јутјуб, не сите што го гледале документарецот ги прифаќаат тврдењата во него. Третина од гледачите рекле дека се сигурни оти наводите се невистинити.
Други 38 отсто рекле дека, иако може да има одредена вистина во експлозивните тврдења, било тешко да се процени нивната веродостојност. Само околу 17 отсто рекле дека се сигурни во вистинитоста на филмот.
Повеќе од половина Руси велат дека не се загрижени за обвинувањата. Огромно мнозинство, 77 отсто од анкетираните, изјавиле дека тоа не го менува нивниот став кон Путин; 29 отсто тврдат дека претседателот никогаш не би ја злоупотребил својата моќ, а дополнителни 24 отсто рекле дека, дури и да го сторил тоа, животот во земјата се подобрил со Путин.
Седумнаесет отсто сметаат дека Путин е виновен, а четвртина велат дека е виновен, но само колку и другите високи функционери. Младите биле покритични кон претседателот во овој аспект.
Друга анкета објавена минатата недела од „Левада“, која исто така е регистрирана како странски агент од руската влада, покажа дека вкупниот рејтинг на одобрување на Путин се намалил за еден поен, при што 64 отсто од Русите изјавиле дека имаат поволно мислење за него. Околу една третина изјавиле дека не ги одобруваат неговите активности и само два отсто не изразиле мислење.
Поддршката за Путин е најсилна кај оние на возраст од 55 години и постари, но мнозинството во секоја возрасна група смета дека неговото однесување на функцијата досега е поволно, вклучително и 51 отсто на возраст од 18 до 24 години.
Наводните откритија за имотот во Геленџик беа емитувани кусо откако Навални беше уапсен на московскиот аеродром „Шереметјево“ под обвинение за кршење на условите за условна казна од три и пол години за измама.
Одговарајќи на тврдењата, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека ништо од тоа не е точно. Градежниот тајкун Аркадиј Ротенберг подоцна изјави дека тој е корисник и на вилата и работи на тоа локацијата да се претвори во луксузен хотел.