Романската гранична полиција уапси 36 мигранти на граничниот премин Надлац II во последните 24 часа кои се обиделе илегално да ја преминат границата со Унгарија, пеш или скриени во камиони.
Во два камиони управувани од Романец и Турчин, граничната полиција откри осум мигранти кои биле скриени меѓу индустриските машини и кутии со козметика кои биле транспортирани во Германија и Франција, пренесува агенцијата „Агерпрес“.
Граничната полиција во Арад соопшти дека се фатени мигранти од Авганистан и Сирија и дека се на возраст меѓу 20 и 32 години.
Неколку други групи мигранти беа фатени во областа Надлац, вкупно 28 лица, кои беа во близина на граничната линија и имаа намера илегално да ја преминат границата.
Утврдено е дека се државјани на Мароко, Еритреја, Етиопија, Авганистан, Сирија, Того, Ирак, Иран и Тунис, на возраст од 11 до 37 години.
И во двата случаи романските власти спроведуваат истрага.