Утрински Весник
Македонија

Родители ја продале малолетната ќерка на Белгиец за да може сексуално да ја искористува

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Секторот за криминалистички истраги, разреши случај за сторено кривично дело трговија со дете, извршено од страна на три лица, од кои еден државјанин на Белгија.

Како што информираат од МВР, белгискиот државјанин Л.Д.С. во период од февруари до мај 2022 година, со намера да овозможи вршење полови дејствија со дете или други форми на сексуална експлоатација во Белгија, планирал и со лицата Е.А. и Ф.Б, родители на детето, договорил склучување на присилен брак помеѓу него и нивната малолетна ќерка, односно дете со неполни 14 години.

Заради остварување на својата намера да го однесе детето во Белгија, Л.Д.С. во повеќе наврати престојувал на територија на нашата држава. Со цел да се обезбедат лични документи за патување за детето , Л.Д.С. на родителите на детето им дал околу 2.500 евра и во неколку наврати преку брз трансфер на пари од Белгија на Е.А. му испраќал парични средства во различен износ.

Oд Јавното обвинителство обелоденија и други детали во врска со овој случај:

„Во текот на втората половина во 2021 година осомничениот белгиски државјанин, со намера да користи сексуални услуги од дете, од Белгија истражувал преку интернет и се информирал за деца до кои лесно може да пристапи.

За да го оствари својот план ја избрал РС Македонија и стапил во контакт со македонски државјанин кој го поврзал со останатите двајца осомничени, родители на шест малолетни деца.
Првоосомничениот во повеќе наврати доаѓал преку Меѓународен Аеродром „Скопје“ каде го пречекувале двајцата осомничени и нивните малолетни деца. Со цел да се стекнат со материјална корист и да заминат за Белгија, тие се согласиле за паричен надомест, на првоосомничениот да му овозможат да користи сексуални услуги врз тринаесетгодишната ќерка, а потоа и да склучи брак со неа.

За таа цел, злоупотребувајќи ја својата положба како родители на малолетната жртва, му дозволиле на првоосомничениот да престојува заедно со нив во куќата во која живеело семејството. Тој манипулирал со девојчето дека го сака и ѝ подарил златен накит, а на родителите им давал пари за потребите на семејството.

Родителите на детето секојдневно му помагале на првоосомничениот со крајна цел под изговор за присилен брак да го однесе малолетното дете во Кралството Белгија каде што наводно ќе стапел во брак со неа и му овозможиле да создаде врска на доверба и емоционална близина со девојчето.

Злоупотребувајќи ја нејзината доверба, првоосомничениот остварувал полови дејствија со девојчето до 16. мај кога полициските службеници го откриле настанот“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Врз основа на издадени судски наредби од Основен кривичен суд Скопје, вчера бил извршен претрес на дом и други простории каде времено престојуваат Е.А. и Ф.Б. во Струга, од каде е обезбеден доказен материјал за стореното кривично дело, додека на скопскиот аеродром бил извршен претрес над лицето Л.Д.С., по што трите лица се лишени од слобода.

Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против Л.Д.С. (38) од Белгија и Е.А. (33) и Ф.Б. (34) од Скопје, а со привремен престој во Струга, за сторено кривично дело трговија со дете. Денеска лицата ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.

 

Можете да прочитате

Петрушевски: Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски

СДСМ: Има ли „Алказар Енерџи”одобрение за градба или не, каков е бизнис интересот на Божиновска и Мицкоски?

Околу еден час се чека на ГП Богородица и Дојран, а 40 минути на Табановце