Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Регулаторна комисија за енергетика бара во Законот за градење, при издавање на одобрение за градба, покрај урбанистички план, точно да биде наведено со што ќе се грее секој нов објект. РКЕ за нивниот предлог го известило Министерството за транспорт и врски и бара тој да биде инкорпориран во законот.
-Со одредбите на Законот за градење, не се реши проблемот со оптималното планирање и користење на енергетската инфраструктура во урбаните средини. Бараме, при издавање одобрение за градба, да има и термо-технички проект, за приклучување на објектите или на системот за топлинска енергија или за природен гас. Тоа дава предвидливост на самите инвеститори, на граѓаните кои ќе се греат и ќе го релаксира електродистрибутивниот систем на топлинска енергија, особено во градот Скопје. Наместо да трошиме електрична енергија, која се произведува од термоелектраните, енергијата за затоплување на домовите да биде од многу поеколошко гориво, а тоа е природниот гас. Доколку инвеститорите обезбедат дека начинот на греење ќе биде еколошки и енергетски поефикасен од системот за топлинска енергија, тој начин на греење ќе биде имплементиран, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Со новиот Закон за енергетика, донесен во мај 2018 година, е предвидено задолжително поставување калориметри. Од РКЕ досега издале четири одобренија за градба на нови објекти. Ова регулаторно тело ќе побара БЕГ да направи анализа колку од старите објекти ќе можат да користат калориметри.
-Веќе имаме издадени четири одобренија за градба. Веќе се постауваат калориметри во овие згради. Останува да се реши проблемот во старите згради. Оние кои имаат хоризонтален систем за греење, кај нив ќе може да бидат поставени калориметри. Проблем се објектите со вертикални уреди, кај нив нема да биде економски исплатливо, изјави Бислимоски.
Тој информира дека трошоците за калолиметрите ќе паднат на потрошувачите, но олеснителна околност ќе бидат ратите кои ќе бидат дозволени за исплата и тоа да доаѓа на сметката на корисниците.
-Цената на калориметрите ќе биде поделена на рати за да се олесни плаќањето. Со нив ќе го нема проблемот исклучени и неисклучени од топлинска енергија. Приклучен е и си троши кога сака и каде сака, која просторија сака да ја загрева, а која не, вели Бисилмоски.
Тој информира дека 2019 година, е рекордна по потрошувачка на природен гас. Вкупно 48 потрошувачи биле приклучени на преносната мрежа за гас, од каде биле потрошени 296 милиони нормални метри кубни гас, што во споредба со 2018 година има зголемување за 14 проценти.
Најголем потрошувач е гасна електрана-топлана Те-То АД Скопје, по него се топланите, компании од металната, прехранбената и општата индустрија, на природен гас приклучени се и два објекта од здравството, а тоа се Клинички центар и 8-ми септември и од јавните институции Министерството за одбрана и ЈСП, информира РКЕ.
Во однос на еколошките стандарди кои ги налага ЕУ, Бислимоски рече дека трендот во ЕУ е намалување на термоелектраните. Но, како што рече, на државите им се остава простор за прилагодување. Тој потсети дека во РКЕ Осломеј ќе се гради фотоволтаична централа. Што се однесува на РЕК „Битола“, таа мора да работи додека има резерви.
РЕК во наредниот период ќе направи меморандум за соработка со Народниот правобранител, во врска со поплаките на граѓаните за долговите за електрична енергија. РКЕ исто така ќе направи меморандум за соработка и со Комисија за за заштита на конкурентноста.ир/скс/