Утрински Весник
Македонија

Рестораните и угостителските објекти повторно ќе работат до 21 часот

Рестораните и угостителските објекти повторно ќе работат до 21 часот

Владата на 40. седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката за работното време на рестораните и другите угостителски објекти согласно која од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18 часот.

Согласно овие измени, рестораните и угостителските објекти од 21 јануари ќе работат до 21 часот, после што ќе бидат затворени за посетители сите угостителски објекти и ресторани, како и угостителските објекти или делови за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објект за сместување, како и објектите со угостителска дејност на бензинските станици.

Исклучок од оваа одлука се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и рестораните или деловите за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување за лицата сместени во овие објекти.

Угостителските објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин со онлајн или телефонски нарачки и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд или пулт со почитување на основните мерки за дезинфекција, носење маски и одржување дистанца.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца