Јапонија во четвртокот регистрира рекорден број на нови случаи на коронавирус и ги повика граѓаните да се ревакцинираат за да се запре натамошното ширење на смртоносната болест.
Според анализата на податоците на токиската Кјодо њуз, земјата со 127 милиони луѓе во четвртокот пријавила повеќе од 180.000 случаи на коронавирус – рекорд од избивањето на пандемијата кон крајот на 2019 година.
Јапонскиот министер за здравство Шигејуки Гото рече дека тоа може да се зголеми значително во новиот бран.
Од 47 провинции во земјата, 35 пријавиле рекорден висок број на нови инфекции. Зголемувањето на бројот на нови инфекции најмногу се припишува на БА.5 субваријантата омикрон која се шири низ земјата. Јапонија пријави 152.536 новозаразени случаи во 30 провинции еден ден претходно.
Хироказу Мацуно, портпарол на јапонската влада, рече дека „постои потреба да се набљудува влијанието врз медицинскиот систем со максимална претпазливост“.
Мацуно, сепак, отфрли каква било можност за воведување ограничувања на движењето на луѓето.
Во Јапонија, од избувнувањето на пандемијата на крајот на 2019 година, заразени се 10,7 милиони луѓе, од кои 31.697 починале, пренесе Аваз.ба.