Годишниот извештај на Комисијата за заштита на новинарите утврди дека 274 новинари биле затворени во 2020 година низ светот, што е најголем број од почетокот на 90-тите години на минатиот век.
Извештајот открива и дека годинава биле убиени 26 новинари и медиумски работници, а Мексико е наведена како најопасна земја во светот за печатот.
„Шокантно е и застрашувачко“, рече извршниот директор на Комисијата, Џоел Сајмон.
„Овој репресивен бран е форма на цензура што го нарушува протокот на информации и ја разгорува инфодемијата“, додаде тој.
Се забележува дека во САД дури 110 новинари биле уапсени или приведени во текот на годината.
Истражувачите наведуваат дека администрацијата на Доналд Трамп во заминување е делумно виновна за влошената слобода на печатот ширум светот – не само поради недостаток на глобално раководство на американскиот претседател во областа на човековите права, туку и поради охрабрувањето на авторитарните лидери во странство со неговото непријателство кон медиумите.
„Администрацијата на Бајден треба да работи како дел од глобалната коалиција за да се намали бројот“, рече извршниот директор на Комисијата.
Според оваа Комисија, голем број затворени новинари имало годинава во Кина втора година по ред, со 47 репортери зад решетки. Само минатата недела, властите притворија вработен во Блумберг под сомнение дека ја загрозува националната безбедност.
Во Турција, Египет и Саудиска Арабија, Белорусија и Етиопија, забележано е нагло зголемување на бројот на новинари кои завршиле зад решетки.