Берово, 25 мај 2020 (МИА) – Со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, во Берово се вршат подготвителни активности за реконструкција на водоводната линија на улицата „Даме Груев”. Постоечката водоводна линија како што информираат пд надлежните е изведена во педесетите години од минатиот век што беше и причината за започнување на нејзина реконструкција.
-Подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните на општина Берово, е секојдневна работа на општина Берово. Конкретно за оваа водоводна линија цевките се дотраени и се причина за чести дефекти и прекини во водоснабдувањето. Врз основа на Програмата за управување на водите за 2020 година, од Програмата за „Изградба на нови и одржување и унапредување на постојните јавни водоснабдителни објекти”, општина Берово достави барање за финансирање на проект „Реконструкција на водоводна линија на улицата Даме Груев во Берово”, кое со одлука од Министерството, беше одобрено за финансирање, информираа надлежните.
Со проектот како што додаваат, се предвидува реконструкција на стара водоводна линија од азбест цментни цевки, на потегот од крстосницата со улицата „Маршал Тито” до крстосницата со улицата „Партизанска”.
-Со реконструкцијата на водоводната линија, во должина од 328 метри, ќе се реши проблемот со појава на дефекти и прекините на водоснабдувањето, ќе се подобри комуналната инфраструктура во градот, а жителите од овој дел од градот ќе добијат квалитетна вода за пиење, додадоа од Општина Берово.
Паралелно општината го распиша и јавниот оглас за реконструкција на две улици во беровското село Ратево. Градежните активности, како што наведоа од општината ќе се реализираат согласно предвидениот план за реконструкција на локалните улици и патишта. вс/аа/