Тетово, 5 јуни 2020 (МИА) – Здружението на пензионери Тетово го затвори клубот за своите членови на 16 март поради состојбата со Ковид-19 па периодот без присуство на луѓе беше искористен за спроведување на работа на обновување на просториите и дворот. Исчистени и испразнети од мебел се соби во кои нема веќе сместено пензионери, извршена е реконструкција на колективно купатило, а во дворот е направено целосно преуредување.
-Уредувањето на дворот значеше да се отстрани дивата вегетација, а со тоа се ослободи простор кој беше искористен за прв пат од постоењето на Домот на пензионери да има две паркинг места. На остатаниот дел од дворот кој има околу 700 метри квадратни се изврши уредување на зеленило, боење на дрвјата со варовник за заштита и слично. Воедно се постави нова ограда, парапет од 50 сантиметри и 120 сантиметри жица. Работата во дворот е доброволна работа на Мујадин Усаини од огранокот во Желино, изјави претседателот на Здружението, Селвер Мемети.
Во текот на мај преку месните организации се доделени парична помош на 138 пензионери по 3.000 денари и на двајца пензионери 5.000 денари поради нивната тешката финансиска ситуација.
-Секој месец од Центарот за јавно здравје е вршена целосна дезинфекција на сите простории. Во март добивме 250 заштитни маски од Кризниот штаб на општина Тетово кои се распоредени на најзагрозените пензионери кои не можеле самите да набават заштита, истакна Стојан Соколовски, претседател на Собранието на Здружението на пензионери од Тетово.
Во мај е извршена набавка на пет тони нафта за греење на објектите на Здружението воедно со цел да се искористи ниската цена и да се направи заштеда на средствата планирани за таа намена., потенцираат од тетовското здружение. ас/бк/