Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер смета дека и Серхио Перез е во трката за титулата во пласман на возачи по неговата победа на Монако ГП, посочувајќи дека Макс Ферстапен не ја има гарантирано позицијата на возач број 1 во тимот.
Перез беше на пол-позицијаата во Саудиска Арабија во втората трка од сезоната, кога безбедносното возило му ја уништи шансата за победа, а проблеми со болидот значеа загубена шанса за подиум. Мексиканецот беше на добар пат до победа во Барселона, но тимот побара тој да му дозволи на Макс Ферстапен да го помине, нешто што го налути Перез. Меѓутоа, во Монако, Перез ги искористи проблемите на Ферари за да стигне до победа, а неколку дена потоа доби нов двегодишен договор со тимот.
„Чеко е во најдобра форма во кариерата, вози одлично и не се работи за среќна победа. Видовме уште во Џеда колку е силен и тоа е фантастично за нас. Потребно ни е двајцата возачи да работат заедно, бидејќи Ферари се силен противник и имаа побрз болид во Монако. Тие се голем противник и потребно е да работиме како тим за двајцата возачи да се пред нив. Самодовербата на Чеко е на високо ниво и оваа сезона разликата помеѓу него и Макс е многу поинаква“, вели Хорнер.
> Ред бул тврдат дека и Чеко Перез може да се бори за титулата <