Утрински Весник
Македонија

Регистриран првиот медиумски работник заболен од Ковид-19, новинарската професија меѓу најризичните

Регистриран првиот медиумски работник заболен од Ковид-19, новинарската професија меѓу најризичните

Скопје, 11 април 2020 (МИА) – Главниот и одговорен уредник на Канал 5 телевизија, Гоце Михајловски, е заболен од корона вирусот. Уште четири негови колеги, поради контактот, се ставени во самоизолација. Телевизијата, и покрај предизвикот со кој се соочува, продолжува да информира.

Во битката со корона вирусот, речеси како и медицинскиот персонал и одбранбените сили, медиумските работници се во првите редови. Тие се постојано на терен со цел да ја информираат јавноста за најновите случувања во земјава и во светот.

Веста за заразениот новинар ги вознемири сите медиумски работници поради нивните постојани меѓусебни контакти. Дел од нив на социјалните медиуми му посакаа скоро закрепнување на Михајловски и ја нагласија ризичноста на новинарската професија, како во оваа, така и во сите секојдневни ситуации.

Здружението на новинари, исто така, му посака брзо закрепнување на новинарот, упатувајќи апел да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кое се заразени или за кои постои сомнеж дека се носители на коронавирусот.

-Поттикнати од некои неодговорни објави пред се на социјалните мрежи, ЗНМ апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кое се заразени или за кои постои сомнеж дека се носители на коронавирусот. Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела без разлика дали истите се присутни на традиционалните медиуми или пак на социјалните мрежи, нагласува ЗНМ.

Здружението укажа дека голем дел од новинарите и медиумските работници, поради природата на нивната работа се повеќе изложени на контакти со луѓе а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со коронавирусот.

-Затоа од апсолутна важност за нивната лична безбедност, безбедноста на лицата со кои се во контакт новинарите и медиумските работници да имаат обезбедено услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза. Во време кога квалитетното новинарство може да спаси животи, од исклучително значење е да имаме точни и навремени информации. За да биде тоа возможно, медиумските работници потребно е да бидат максимално заштитени во своите редакции, но и кога известуваат од терен. Потсетуваме на  „Насоките за безбедно и професионално известување за коронавирусот“ кои ЗНМ и СЕММ ги објавија неодамна каде се опишани стандардите за безбедно и професионално известување во услови на пандемија, потенцира ЗНМ.

Имено, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Иринка Сотирова вчера информираше дека во семејството на Михајловски има член кај кој што е потврден корона вирусот.

– Во блиската фамилија на споменатото лице има член кој е позитивен. Новинарот имал контакт со тој член од неговата фамилија, меѓутоа за детални информации кој, каде и кога ќе биде ставен во евентуална самоизолација ќе следува по спроведената анкекта од Центарот за јавно здравје, која во моментот е во тек, истакна Сотирова.

Од Канал 5 телевизија соопштија дека викендот на 28 и 29 март оваа година, Михајлоски бил во посета на своите родители во Прилеп, од каде во понеделникот, на 30.ти март, продолжува со работа во дневно-информативната редакција, без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми.

– Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во недела, 5 април, кои биле во форма на малаксаност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17.00 часот го напуштил работното место. Од  понеделник, 6 Април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележува температура повисока од 38 степени, и бара од својот матичен лекар да добие упат за тестирање , но поради електронската анкета, нема доволни симптоми за да биде упатен на тестирање. На 7 Април, во утринските часови, поради зголемената температура прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е негативен на корона вирусот. Во четврток, 09 април 2020 колегата Михајловски заминува во Воена болница , каде е примен, а утринава не информираше дека сепак е позитивен на Ковид-19, објаснија вчера од Канал 5 телевизија.

Му посакаа на Михајлоски да се опорави што е можно побрзо.

– Ниту тој сакал да биде заразен со Ковид-19, а уште помалку тој да биде трансмитерот и евентуално да зарази трети лица, истакнаа од Канал 5.

Истакнаа дека подолг период во просториите на телевизијата се воспоставени високи стандарди за заштита и контрола на вработените.

Околу тоа дали е направено тестирање на вработените во Канал 5 и каква е препораката на епидемиолозите за оваа телевизија во однос на нејзиното работење, како и за работењето на останатите новинари земајќи ги предвид постојаните средби на колегите, министерот за здравство Венко Филипче посочи дека емидемиолозите оствариле комуникација со одговорните на телевизија и оти се спроведени интервјуа со сите вработени коишто имале контакт и се сметаат за висок ризик.

– Јас верувам дека и на колегите од останатите медиуми, како и сите други приватни контакти на тие лица за коишто се смета дека се во ризик, се веќе направени интервјуа, или ќе бидат направени. во текот Согласно тоа ќе бидат преземени и одредени мерки, доколки има потреба, истакна Филипче, посочувајќи дека за фирмата важат истите пристапи и протоколи како за сите останати.см/ац/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор