Комисијата за европски прашања на Собранието денеска во Охрид беше домаќин на 18-та Конференција на парламентарните комисии за европски прашања на земјите опфатени во процесот на стабилизација и Асоцијација на Југоисточна Европа или скратено КОСАП.
На Конференцијата учествуваа членовите на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања од Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора,како и членовите на комисиите за европски интеграции на Големото национално собрание на Република Турција и на Парламентот на Косово, кои присуствуваа на Конференцијата како набљудувачи.
Конференцијата ја отвори претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека регионалната соработка е важна во насока на развивање на политички, економски и културни релации, што секако ќе придонесе за унапредување на состојбите во нашите држави.
Притоа, се истакна дека Регионалниот заеднички пазар претставува катализатор за подлабока регионална економска интеграција како отскочна даска кон единствениот пазар на ЕУ.
Учесниците ја потенцираа важноста на продолжување и забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот, при што се укажа дека Унијата треба да ги има во предвид различните геополитички и геостратешки интереси, кои се испреплетени на Балканот и пошироко.
Во тој контекст, заедничка беше заложбата на присутните, Северна Македонија и Албанија што поскоро да ги започнат преговорите со ЕУ, Србија и Црна Гора да ги продолжат преговорите, Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус, а Косово да добие визна либерализација.
Исто така, се истакна дека регионот нема друга алтернатива, освен зачленување во Европската унија и дека ЕУ треба да го зачува соодветното внимание и комуникација кон процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
Во врска со новиот инструмент ИПА 3, се нагласи дека новина е што средствата нема да се рапределуваат по клуч за секоја земја од Западен Балкан и Турција туку земјите преку натпревар ќе ги добиваат средствата.