Утрински Весник
Македонија

Реакција на Македонскиот дипломатски синдикат за состојбите во МНР

Македонски дипломатски синдикат: Тивко убивање на македонската дипломатија со новиот закон

Скопје, 12 јуни 2020

Македонскиот дипломатски синдикат преку своите соопштенија континуирано укажува на наметнатата поделба на вработените на Министерството за надворешни работи на „наши“ и “нивни“, упорно и мачно форсирана од министерот Димитров и неговиот кабинет. Оваа поделба дополнително се засили по проблематичната систематизација на работните места во МНР од јули 2019 г. која резултираше со незапамтен број судски постапки поведени против матичната институција од страна на вработените. Со овој документ беше извршен погром врз повеќе десетици македонски дипломати, речиси без исклучок врвни професионалци, со повеќегодишно работно искуство, како во МНР така и во ДКП-та. За оваа масовна деградација единствен „критериум“ беше нивната „неподобност“, односно личните симпатии и антипатии на Димитров. Истовремено, на овие дипломати произволно им беше ускратено законски пропишаното право за редовно стекнување на повисоко дипломатско звање. МДС неколкупати повикуваше на повлекување на овој дубиозен акт давајќи јасно до знаење дека истиот ќе предизвика трајни штети во однос на нормалното функционирање на Министерството.

Покрај претрпеното деградирање, дел од дипломатите на пониски раководни позиции, а веројатно поради патолошко-параноидалната недоверба од страна на раководството, последните 2-3 години не се вклучуваат во никакви работни активности надвор од сопствениот канцелариски простор. Станува збор за основни дипломатски активности како: присуство на средби со странските дипломатски претставници акредитирани во Македонија, учество во делегации на МНР за време на посета на странски делегации во Македонија, учество во делегации на МНР за време на патувања во странство, учество во работни групи со претставници од други државни институции и други. Притоа мора да се има предвид дека токму учество во овие активности претставува суштина на работата на еден дипломат во функција на што подобро промовирање на интересите на сопствената држава и услов за нивна професионална надградба. Нивното исклучување од настаните е во насока на намалување на „употребливата вредност“ на „неподобните дипломати“, од кои, апсурдот да е поголем, се очекува да изготвуваат материјали со највисок квалитет, иако не им било дозволено да присуствуваат на настаните.

МДС смета дека е целосно недопустливо еден министер, кој треба да биде морална вертикала, да креира неформални „црни листи“ на вработени кои треба да седат затворени во своите канцеларии и кои без разлика на нивен стаж и искуство, според замислите на раководството, треба да се занимаваат само со наједноставни технички прашања. Ваквиот однос претставува пример за еклатантно кршење на основните права на вработените и целосно се совпаѓа со елементите од класичното дефинирање на мобинг на работно место („подолготрајно изолирање и маргинализирање“, „изложување на вработениот на избегнување“, „удар врз самопочитувањето“, „омаловажување на искуството и исмејување на трудот“ итн.). Со ваквиот третман, засегнатите дипломати се свесно оневозможувани во соодветно извршување на работните цели и задачи согласно описот на нивните работни места пропишан во истата таа, проблематична систематизација. Како краен ефект наместо гласно најавувана професионална дипломатија добивме никогаш по поделена и по дезориентирана институција.

Македонскиот дипломатски синдикат го крева гласот кон министерот Димитров за жигосување на дипломати како „неподобни“. Обидот за нивната професионална девалвација длабоко ги наруши меѓучовечките односи во Министерството. За нивното санирање ќе бидат потребни многу напори и многу повеќе време од мандатот на министерот Димитров.

Македонски дипломатски синдикат 

__________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Чибишев: Воздух во Скопје станува алармантен, Здравјето нема цена !

Средба на лидерот на СДСМ, Филипче со Претседателката Сиљановска-Давкова

Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати