Монтреал, 15 април 2020 (МИА) – Поранешниот бр. 3 во светот, Милош Раониќ, раскажа како го поминува времето без турнири.
Раониќ ретко зборува, но сега реши да каже за себе и како се бори против пандемијата од коронавирус во домашни услови.
– Тешко е за сите, не кажувам ништо ново. Секој се грижи само за една работа – неговите или нејзините најблиски да се добри и нема ништо поважно од тоа. Кажав претходно, ќе го кажам повторно и сега, многу е важно да останете дома, не е ништо посебно. Сега сè се случува на Интернет. Ние разговараме со луѓето на тој начин. Сите ние сме целосно вклучени во виртуелниот свет, но добро е што тука се технологиите, во спротивно ќе беше уште потешко. Имам доволно слободно време сега да читам книги, да гледам филмови и да проследам некои пропуштени емисии на телевизија. Мислам дека не се бара нешто посебно од нас за да се заштитиме и да останеме здрави, вели Раониќ.