Утрински Весник
Свет

Рама: Никогаш нема да се откажеме од ЕУ, макар додворувачите да донесат и кавијар

Рама: Никогаш нема да се откажеме од ЕУ, макар додворувачите да донесат и кавијар

Албанскиот премиер, Еди Рама, апелираше до лидерите на Западен Балкан да го отфрлат додворувањето на надворешните сили и да ја задржат вербата во сонот за членство во ЕУ.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Рама рече дека Албанија никогаш нема да се откаже од Европа и ЕУ, без разлика каква ќе биде формата на Унијата во иднина“, укажувајќи на европските политичари кои се под влијание на националистички притисоци.

Рама призна дека чекањето е фрустрирачко, но ги нарече „земјите кои се додворуваат на регионот“, без да ги именува Русија, Кина и Турција, „несоодветни додворувачи“.

„Другите можат да донесат пари, инвестиции, можеби дури и кавијар, но нема да можат да го донесат она што ви треба за да изградите функционална слободна земја“, изјави Рама за ФТ.

Рама рече дека е загрижен за порастот на национализмот во Босна, но нагласи дека национализмот во ЕУ сега е главна пречка за амбициите на регионот да се приклучи на блокот од 27 нации.

Според него, ЕУ се’ уште не заздравела од бегалската криза од 2015 година, кога повеќе од милион луѓе побарале азил во Европа, главно бегајќи од сириската војна. Оттогаш, ЕУ е водена од страв, а не од аспирации, а владите кои сами по себе не се екстремни се под влијание на екстремности, рече тој.

„Кога Албанија го почна пристапниот процес пред речиси две децении, клучот беше да се оддалечиме од балканскиот национализам, но денес нашиот проблем не се балканските национализми, туку национализмите во ЕУ. Она што не спречува да влеземе во ЕУ е влијанието на национализмите на ЕУ врз политичкиот живот на важните земји од ЕУ“, рече Рама.

Од шесте западнобалкански земји, Албанија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија се кандидати за членство во ЕУ, додека Косово и Босна се потенцијални кандидати. Регионот има големи проблеми со корупцијата и посветеноста на владеењето на правото, но Рама рече дека политичките калкулации на членките на ЕУ исто така одиграле улога во одолговлекувањето во изминатите 18 години откако блокот вети дека ќе им дозволи на земјите од регионот да влезат кога ќе ги исполнат критериумите.

„Албанците имаат свои разочарувања од Брисел, но тоа не го менува верувањето дека мора да бидеме таму“, рече албанскиот премиер.

„Веќе ги консумиравме сите љубовни приказни и бракови“, додаде тој, имплицитно мислејќи на врските што Албанија ги имаше за време на комунизмот, прво со Русија, а потоа со Кина. „Бараме нов брак, а не стар. Но, овој тип на брак е секако тежок“, додаде тој.

Во својот трет мандат, Рама ја промовираше идејата за заеднички регионален пазар на кој се согласија сите шест земји во ноември 2020 година. Во обид да го забрза процесот, Албанија, заедно со Србија и Северна Македонија, потпишаа за спроведување на некои од неговите одредби. „Ако го направиме ова на Балканот, тоа ќе биде најдоброто одвраќање од лудилото, а ако не го направиме, никој нема да го направи наместо нас“, рече тој.

Рама призна дека преостанатите три земји се двоумат.

„Босанците, бидејќи очигледно не можат да се одлучат за ништо, Црногорците затоа што се’ уште имаат илузија дека следната година можат да влезат во ЕУ, а секоја наредна година станува наредна, Косово поради проблемите со Србија, што мислам дека може подобро да се реши кога луѓето седат и разговараат“, рече Рама за ФТ.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд