Екс француски министер и поранешен сопственик на „Адидас“, магнат за кој се врзани многу скандали, Бернар Тапи и неговата сопруга биле нападнати од крадци при грабеж на нивниот дом во близина на Париз, соопшти полицијата во неделата.
Тапи и неговата сопруга спиеле кога четворица мажи влегле во куќата во Комбс-ла-Вил во близина на Париз околу 00:30 часот во неделата, по што ги претепале и ги врзале со кабли.
Доминик Тапи успеала да се ослободи и повикала полиција од куќата на соседот. Таа има полесни повреди од неколку удари во лицето и е пренесена во болница на преглед.
Се очекува наскоро да биде пуштена. „Таа е добро“, соопшти внукот Родолф Тапи.
Седумдесет и осумгодишниот Бернар крадците го удриле со палка по главата, но тој одбил медицинска помош, изјави обвинителката Беатрис Ангелели.
Крадците украле два часовника, од кои едниот „ролекс“, обетки, нараквици и прстен, изјави за „Франс Прес“ извор близок на истрагата.
Пред три недели во истиот регион во Париз, две фудбалски ѕвезди од Париз Сен Жермен, Аргентинецот Анхел Ди Марија и Бразилецот Маркињос беа мета на провали, од кои едната беше и насилна.
Тапи, кој во 1992 кратко време беше и министер во социјалистичката влада на Франсоа Митеран, изгради спортска и медиумска бизнис империја, а имаше и повеќе проблеми со правосудниот систем.
Со богатство се стекнал преземајќи пропаднати компании, а наводно, притоа користел сомнителни методи.
Често во јавноста се истакнуваше со своето богатство, па познато е дека купил јахта од 72 метри, како и фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј, кој ја освои титулата шампион на Франција, додека тој беше негов сопственик.
Тапи исто така беше осомничен за наводно местење натпревари во првата француска фудбалска лига.