Утрински Весник
Свет

Радев: Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат на 4 април

Радев: Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат на 4 април

Бугарскиот претседател Румен Радев во денешното обраќање до нацијата информираше дека одлучил парламентарните избори во земјата да се одржат на 4 април. Тој веќе го потпишал и указот за датумот на одржување на изборите, иако првично најавуваниот термин за нивно одржување беше 28 март.

„Иако одамна е познато дека овие избори ќе се одржат во пандемија, ниту една институција не презеде ништо. Благодарност до сите што одговорија на мојата покана за консултација. Јас го насочив вниманието на јавноста кон потребата од соодветни мерки за надминување на проблемите за време на изборите“, изјави претседателот Радев.

Тој дополни дека на Бугарија ѝ е неопходно час поскоро да има легитимен парламент и функционална влада, која ќе работи на надминување на кризата и на реформи во земјата.

Инаку, бугарските политички партии го прифатија денот на одржување на парламентарните избори, но владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов излезе и со ставот дека на тој датум е католичкиот Велигден и сметаат дека тоа ќе создаде проблеми за бугарските граѓани, особено за оние што живеат во странство.

Исходот од парламентарните избори што ќе се одржат во Бугарија напролет е непредвидлив. Досегашните анкети покажуваат тесно водство на владејачката партија ГЕРБ на премиерот Борисов, а веднаш зад неа се бугарските социјалисти. Во идниот состав на бугарскиот парламент можат да влезат две нови партии – Има таков народ на шоуменот Слави Трифунов и Демократска Бугарија. Очекувањата од досегашните анкети се дека новиот бугарски премиер ќе го определат помалите политички партии што ќе влезат во парламентот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење