Утрински Весник
Свет

Пoевтино е пандемиите да се спречат отколку да се лекуваат, научниците велат да јадеме помалку месо

Пoевтино е пандемиите да се спречат отколку да се лекуваат, научниците велат да јадеме помалку месо

Превентивните мерки во борбата против пандемиите може да бидат 100 пати поевтини отколку справувањето со нивните смртоносни ефекти потоа.

На светот му треба нов пристап за спречување на идни пандемии кои можат да убијат милиони луѓе, се вели во извештајот на Меѓувладината платформа за научна политика за биодиверзитет и услуги на екосистемот (ИПБЕС), организација основана од Обединетите нации за заштита на природниот свет.

Во извештајот се наведува дека контактот меѓу луѓето, дивиот свет и домашниот добиток мора да се ограничи за да се намали ризикот од преминување на бактерии и вируси од животни на луѓе. Луѓето кои живеат близу до животни и во области со висок ризик мора да бидат обезбедени со редовна здравствена заштита. Тоа ќе помогне да се запре епидемијата на болести пред тие да добијат можност да се шират уште повеќе.

Потребни се заеднички пристапи, се вели во извештајот, за превенцијата од пандемија да стане вообичаена во целиот свет. Би било сто пати поевтино да се спречат епидемиите отколку да се трпат нивните мрачни последици, тврдат авторите.

Во извештајот се повикуваат луѓето да престанат со навлегувањето во диви територии и да јадат помалку месо, бидејќи месната индустрија поттикнува контакт меѓу луѓето и новите патогени.

Извештајот предупредува дека 70 проценти од новите болести како што се ебола и зика и скоро сите познати патогени со пандемски потенцијал, како што се грип, ХИВ и новиот коронавирус, потекнуваат од животни. Извештајот проценува дека цицачите и птиците носат повеќе од милион неоткриени вируси.

„Пандемиите стануваат се почести. Без превентивни стратегии, тие ќе се појавуваат почесто, побрзо ќе се шират, ќе убиваат повеќе луѓе и ќе влијаат на глобалната економија со потешки последици“, се вели во извештајот.

Исто така во извештајот се критикуваат тековните стратегии кои се потпираат на реакцијата на болести со нови вакцини откако ќе се појават тие болести.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk