Попова Шапка, 26 февруари 2020 (МИА) – Означен е официјален почеток со работа на најновата шестоседна жичница на Попова Шапка. Жичницата се протега долж патека од 1.391 метри, која се минува со затворени кабини во кои има шест места.
Во обраќањето на свеченоста премиерот Оливер Спасовски нагласи дека пуштањето во употреба на новата жичница ја означува силната поддршка на Владата за развој на зимскиот центар Попова Шапка. Тоа, според него, исто така, претставува показател на начините и решеноста на Владата и на АД ЕСМ за обезбедување развој на овој зимски центар.
– Треба да се направи добар план и стратегија како треба да се развива и која е крајната цел со Попова Шапка. Во тој правец треба да се заложиме сите, на овој начин ја покажуваме нашата политичка волја, разработуваме детален план и на прогласување заштитена зона на Попова Шапка, направивме анализа за капацитетите, изготвување на ДУП, се со цел да се придонесе да се заокружи процесот, истакна на премиерот Спасовски.
Генералниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски истакна дека за изградба на оваа жичница се потрошени девет милиони евра.
– Проектот започна во 2014, а од 2016 се работи на терен, но поради неколку пропусти имаше застој. Но, во 2019 од ЕСМ и ново раководство со секојдневни активности успеваме до крајот на 2019 да го завршиме. Овие два месеци ги добивме сите употребни дозволи, со поддршка на Владата. Во текот на вчерашниот ден ја добивме употребната дозвола, токму затоа денеска ја ставаме и официјално во употреба. Поради немање снег, во текот на наредниот период може да се користи за панорамско разгледување, рече Ковачески.
Министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека Владата работеше и на патната инфраструктура со цел на Попова Шапка да и се врати епитетот на главен зимски центар во регионот.
– Ние во последните 2,5 години покажавме дека се грижиме за Попова Шапка. Освен жичница имаше реконструкција на патот што ја олеснува можност за посета на оваа дестинација. Бројките покажуваат дека имаме осум отсто раст во однос на 2018 година. Кога се во прашање бројот на туристи, ние ќе креираме мерки да овозможиме да има подобра инфраструктура и да влијае во националната и локалната економија, рече Бектеши.
Жичницата има капацитет од 2.400 патници на час. Ја изгради меѓународно реномираната компанија „Лајтнер“. ас/