Министерот за наука, Валериј Фалков, даде зелено светло за производство на третата руска вакцина против коронавирус „КовиВак“ на научниот центар „Чумаков“, со што препаратот е пуштен за цивилна употреба.
Во наредните денови вакцината ќе биде доставена во руските региони, објави прес-службата на Министерството за наука.
„Во годината на наука и технологија, особено е вредно да се започне со производство на вакцината ‘КовиВак’. Не во теорија, туку во пракса, за да се покаже потенцијалот и силата на руската наука. Сепак, треба да се запомни дека зад создавањето на вакцината стои работата на стотици работници во центарот, десетици непроспиени ноќи, стотици експерименти и истражувања. И огромна одговорност за резултатот“, рече Фалков пред новинарите.
Во меѓувреме, Центарот „Чумаков“ ја започна третата фаза на тестирање на својата вакцина. Планирано е да се произведуваат до 10 милиони дози вакцини годишно.
„КовиВак“ е целовирусна вакцина. Целиот вирус е земен за нејзино производство, а не само фрагменти. Се претпоставува дека имунолошкиот одговор на вакцината ќе се формира на сите протеини на вирусот. Инактивираната вакцина се состои од „убиен“ вирус САРС-КоВ-2 кој не е во состојба да ги зарази клетките.
Вакцината се чува на температура од плус 2 до плус 8 Целзиусови степени.