Говорејќи на економскиот форум во Санкт Петербург, рускиот претседател Владимир Путин рече дека со американскиот претседател Џо Бајден на самитот на 16 јуни во Женева ќе разговара за контролата на оружјето, глобалните конфликти, пандемиите и климатските промени.
“Треба да најдеме начин да ги подобриме односите што сега се на екстремно ниско ниво. Немаме проблеми со Соединетите Американски Држави, но тие имаат проблеми со нас. Тие сакаат да го запрат нашиот развој и јавно да разговараат за тоа. Од тоа произлегуваат економските ограничувања и обиди да се влијае врз нашата внатрешна политика“, рече Путин.
Тој повтори дека Русија ги отфрла обвинувањата за мешање во изборите. Путин рече дека не очекува значителни резултати на самитот со Бајден и повтори дека Москва не е виновна за сегашните односи меѓу САД и Русија.
“Ние не бевме првите што започнавме со влошување на односите. Ние не воведовме санкции, туку Соединетите Американски Држави, кои ја користат секоја можност за тоа, дури и кога нема основа, само затоа што нашата земја постои. Знаете што е проблемот? Еве, ќе ви кажам како поранешен граѓанин. Сите империи мислат дека се моќни и можат да прават грешки. Но, проблемите се натрупуваат и ќе дојде ден кога веќе нема да можат да се решат. А, САД одат по патот на Советскиот Сојуз“, истакна Путин.
Рускиот претседател исто така негираше дека Москва организирала сајбер напади врз американскиот нафтовод и фабриката за месо.
“Се надевам дека луѓето разбираат дека нема такви руски активности. Слушам за фабрика за месо, глупости. На сите ни е јасно дека ова е смешно. Нафтовод? Подеднакво апсурдно”, рече Путин и додаде дека обвинувањата на САД за сајбер нападите се само уште еден начин да се предизвикаат конфликти пред самитот со Бајден.
Претседателот на Русија зборуваше за пандемијата и како реагираше Москва на тоа и оцени дека руските вакцини против Ковид-19 се забранети од политички причини.
Тој апелираше до граѓаните што побрзо да се вакцинираат, а експертите проценуваат дека Русија до август ќе успее да вакцинира 69 милиони од 146 милиони жители.