Утрински Весник
Македонија

Проштална средба на Димитров со амбасадорот на Мексико, Марко Бланко

Проштална средба на Димитров со амбасадорот на Мексико, Марко Бланко

Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Скопје го прими во проштална средба вонредниот и ополномоштен амбасадор на Соединетите Мексикански Држави во Република Северна Македонија, Марко Антонио Гарсија Бланко.

Димитров честиташе за неодамнешниот избор на Мексико во Советот за безбедност на Обединетите нации од редот на непостојаните  членки за периодот 2021-2022, поддржан од Северна Македонија и ја подвлече важноста од зајакната соработка во рамките на меѓународните организации во насока на обезбедување на стабилност, безбедност, демократски развој и економски просперитет на глобален план.

-Демократските вредности коишто ги делиме на билатерален план се максимата која е препознатлива за зрелите демократии и горди сме што принципите за негување на добри односи и надминување на отворени прашања, според кои се раководи надворешната политика на Северна Македонија, се препознаени не само регионално и во Европа, туку и на другите континенти. Непријателите нема да ги бараме во соседите или другите држави, туку во сиромаштијата, невработеноста, прекршувањето на слободите и на човековите права, рече Димитров.

Амбасадорот на Мексико, елаборирајќи ги постигнувањата за време на неговиот мандат, изрази задоволство што Мексико негува билатерални односи со земја којашто претставува позитивен пример во светот, поздравувајќи ги достигнувањата на оваа Влада на меѓународен план.

– Мексико ги поздравува и го истакнува се’ она што Владата на Северна Македонија успеа да го направи во овој период, што е директен резултат на Договорот од Преспа, којшто е пример не само на регионална соработка, туку претставува референтен договор како денес треба да се надминуваат разликите и препреките на глобално нивно. Кога има политичка волја, талент и визија, се е можно и тоа се препознава и гледа дури и од Мексико, потенцираше амбасадорот Гарсија Бланко.

Соговорниците, како што соопшти МНР, разменија мислења за актуелните меѓународни збиднувања, вклучително и сузбивањето на пандемијата со Ковид 19. Тие ја подвлекоа важноста од солидарност и координиран одговор за справување со социо-економските последици од здравствената криза.

На состанокот исто така беше изразено задоволство од успешниот развој на билатералните односи и разгледани можностите и иницијативите за идна соработка, особено во економијата, туризмот, културата, науката и образованието, дипломатската едукација и  други области од заемен интерес.

Димитров му се заблагодари на амбасадорот Бланко за неговиот придонес во развојот на односите меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Мексикански Држави, посакувајќи личен успех во идните ангажмани на амбасадорот, но и здравје, просперитет, стабилност и предвидливост на неговата нација. нд/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Од ноќеска поскапуваат сите горива – РКЕ со нова одлука

Таравари: Функционери на ДУИ се повикуваат во обвинителствата, наскоро ќе се види кои се тие

ФЗО ја алармира јавноста: Граѓани добиле лажни пораки за рефундации