Прилеп, 9 март 2020 (МИА) – Со речиси едночасовна блокада на патот Прилеп-Плетвар, работниците прогласени технолошки вишок и вработените од прилепски „Еурокомпозит“ го изразија револтот за неспроведувањето на Законот за исплата на придонесите, донесен од Собранието во октомври минатата година.
Според Пеце Велјаноски од Иницијативниот одбор на работниците прогласени технолошки вишок, револтот се зголемил кога новоназначениот претставник на државниот капитал ги известил дека Антикорупциска забранила до изборите активности за спроведување на Законот за исплатата на заостанатите придонесите.
-На 10 октомври 2019 година, Собранието го донесе Законот за исплатата на заостанатите придонеси на работниците од „Еурокомпозит“, заостанати уште од 2012 година кои се во износ од 2,8 милиони евра. Но по пет месеци не е реализиран и работите не се мрднати од „мртвата точка“. За да биде уште полошо новоизбраниот претставник на државниот капитал Тања Чачорова не извести дека Антикорупциска наредила до изборите да нема никакви активности за спроведувањето на Законот. Тоа ги изреволтира работниците и затоа се собравме на блокада на патот Прилеп-Плетвар. Од нашите разговори со еминентни правници, сите велат дека имплементациајта на Законот донесен во октомври минатата година, нема врска со изборите. Всушност, неговата реализација не е ниту почната зашто има повеќе постапки, изјави Велјаноски.
Работниците бараат средба со поранешниот премиер Зоран Заев со кого ги воделе преговорите и разговорите да почне да се применува Законот.
-Бараме, уште еднаш, средба со поранешниот премиер Зоран Заев со кого ги почнавме разговорите за решавањето на проблемите. Барем да почне имплементацијата на законот со постапките, а ако дојде до исплата, нека биде штом ќе завршат изборите, вели Велјаноски.
Работниците наведуваат дека досега не се доисплатени ниту отпремнините, а ниту денар од заостанатите плати. Останало на тоа што се платило во 2018 година, по 30-ина илјади, дел од отпремините.
Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на „Еурокомпозит“ најавува дека протестите ќе се радикализираат, зашто фабриката е во катастрофална состојба, нема струја ниту плати четири месеци, а стражарската служба не функционира, па ја штитат необучени работници.
– Сега дел од вработените одат на стража, зашто не сакаат фирмата да ја остават да пропаѓа, но не се обучени, ниту имаат лиценци. Од директорот имаме најава дека утре на Влада ќе се решавало, но не за фирмата, туку дали ќе им се исплаќа плата на работниците во стражарската служба или ќе се донесе приватно обезбедување. Овојпат сме решени најрадикално да протестираме по улици и да одиме во Скопје, изјави Богданоски.
Работниците во „Еурокомпозит“ молат и за какви било договори со министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
-Апелирам до Министерствата за одбрана и за внатрешни работи и до техичкиот премиер да ни обезбедат работа, имаме репроматеријали, за да може колку-толку во меѓувреме да земеме плата. Ова повеќе не се издржува, зашто на 55 години никој не сака да не вработи, вели работникот Зоран Бошески.
Покрај неплатнеите придонеси, не се исплатени ниту заостанатите плати и за 154-та прогласени технолошки вишок и за 60-ината моментално вработени. Отпремнините за технолошкиот вишок само дел се исплатени во 2018 година.ем/лв/