Најновата наплатна станица „Демир Капија“ на автопатот Скопје-Гевгелија од 28 октомври е пуштена во употреба, потврдија за „Мета.мк“ од Јавното претпријатие за државни патишта. Патарината на оваа наплатна станица чини 80 денари за автомобилите, мотоциклистите ќе плаќаат 50 денари, додека другите категории на возила ќе плаќаат од 130 до 340 денари.
Патарината во Демир Капија е последната наплатна станица што е изградена на патниот Коридор 10, на која ќе се наплаќа надоместокот за користење на автопатот од Градско до Демир Капија и обратно. Кон крајот на август минатата година беше отворена новата наплатна станица „Гевгелија“, на која возачите го плаќаат надоместокот за користење на новоотворениот автопат меѓу Демир Капија и Гевгелија.
Со најновата наплатна рампа кај Демир Капија, граѓаните за патување од Скопје до Гевгелија во еден правец ќе треба да одвојат по 360 денари за да возат по автопат со својот автомобил. Оние коишто не сакаат да платат патарина за да го користат автопатот, на располагање им е стариот пат од Велес за Демир Капија на којшто не се плаќа никаков надоместок.
Инаку, заедно со изградбата на новите автопатишта, планирано е да се пуштаат и нови наплатни станици. Па така, на автопатот Миладиновци-Штип треба да се изградат две патарини – „Кадрифаково“ и „Преод“, додека на автопатската делница меѓу Кичево и Охрид ќе има една патарина кај Арбиново. За разлика од автопатиштата, на четирите идни експресни патишта коишто во моментов се градат низ земјава, во иднина не е планирано да се поставуваат наплатни станици и нема да се плаќа патарина.