Во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество, Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Фондацијата Метаморфозис, денеска на прес-конференција го промовираше Порталот за отворено владино партнерство.
„Оваа електронска алатка преставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни во процесот. Порталот за ОВП има за цел да послужи како платформа за интеракција и размена на информации во четири сегменти: консултации за подготовка на Националниот Акциски План (НАП), следење на спроведувањето на НАП, како и за следење на работата на Советот за ОВП и на Мрежата на граѓански организации за ОВП“, рече министерот Јетон Шаќири.
Според министерот, со оглед на искуствата од оваа година и потребата од промена на начинот на работа, без физичко одржување на состаноци, порталот нуди можност за одржување на онлајн виртуелни состаноци со разговори во живо- live chat и видео поврзување на учесниците.
Министерот исто така рече дека во тек е подготовката на новиот Националниот Акциски План, 2021-2023, со активна вклученост на стотина претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, што не само што ќе ја олесни комуникацијата и соработката помеѓу засегнатите страни вклучени во процесот туку и на долг рок ќе помогне во следењето и унапредувањето на иницијативата за Отворено владино партнерство во нашата земја.
„Развојот на ова портално решение во тесна соработка со Фондацијата Метаморфозис и поддршката од УСАИД преставува доказ дека преку партнерски однос, не само Владата туку и другите чинители во нашето општество, колективно и рамноправно учествуваат во унапредување на концептот на Отворена Влада“, рече министерот Шаќири.