И покрај тоа што беше најавено за јануари, објавувањето на тендерот за продолжување на изградбата на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп е поместено за претстојнава пролет. Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека со експерти од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) започнале со изработка на тендерската документација за делницата од Фаришка и Дреновска клисура, на која веќе неколку месеци не се одвиваат градежни работи поради раскинувањето на договорот со претходниот изведувач „Конструксионес Рубау С.А.“.
– Се планира, доколку работите се одвиваат според предвиденото, тендерот да се објави пролетва – велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.
Прекинот на изградбата на 10 – те километри од експресниот пат Градско – Прилеп се случи минатото лето, при што раскинувањето на договорот резултираше со меѓусебни обвинувања меѓу изведувачот и ЈП за државни патишта и отпочнување на арбитражна постапка меѓу двете страни. Градежните работи на терен започнаа во летото 2016, а во изминативе три и пол години се завршени само 35 отсто од она што е предвидено со проектната документација.
Од ЈП за државни патишта потенцираат дека изградбата на втората фаза од експресниот пат меѓу Градско и Дреновска клисура се одвива непречено. Оваа етапа стартуваше со градење две години подоцна во летото 2018, така што се очекува во претстојниот период паралелно да се работи на сите 26 километри од идниот патен правец.
За третата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп ќе биде распишан тендер за нејзина изведба во текот на март. Договорот со изведувачот на градежните работи ќе биде потпишан до крајот на 2020 година. Со последната етапа од проектот ќе се комплетира трасата од 4,7 километри од село Беловодица до каменолом „Маврово“ и 2,9 километри од мостот на Ленишка река до влезот во Прилеп.
Целиот експресен пат Градско – Прилеп од ЈП за државни патишта очекуваат да биде ставен во функција до крајот на 2022 година.