Утрински Весник
Македонија

Проект на македонски лекари вклучен во глобалната борба за справување со коронавирусот

Проект на македонски лекари вклучен во глобалната борба за справување со коронавирусот

Научно-истражувачки проект во областа на Ковид-19 на Унивeрзитетската Клиника за хематологија-Скопје предводен од проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис е одобрен и избран да биде финасиран во следните две години од Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ICGEB) во Трст, Италија.

Проектот е избран во конкуренција од 38 меѓународни поднесоци.

Од Клиниката информираат дека се работи за заеднички проект подготвен во соработка со еминентни експерти, академик д-р Димитар Ефремов, кој раководи со Одделот за молекуларна хематологија во ICGEB), д-р Милена Стефановиќ и д-р Илир Демири од ЈЗУ Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, академик д-р Александар Димовски од Центарот за генетски инжењеринг и биотехнологија од Македонската академија за наука и уметности (МАНУ) и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Ковид-19 е болест која има неколку фази, а секоја фаза има свои специфики и бара различен тип на интервенција. Цели на нашите истражувања се: да утврдиме зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со КОВИД19 инфекцијата во почетните фази, дали може да се предвиди текот на болеста и дали евентуално би можело да се интервенира за да се превенира тежок облик или несакан исход од истата. За таа цел ќе испитуваме два сегмента од имуниот систем. Едниот се таканаречените природни антитела, тоа се вид антитела кои се во состојба да неутрализираат различни вируси и кои имуниот систем ги произведува независно од претходни инфекции или вакцинации, а вториот сегмент се цитотоксичните Т лимфоцити“, соопштија од Клиниката.

Од таму велат дека очекуваат резултатите од спроведените анализи да имаат улога во добивање подлабока слика за имунолошкиот одговор на секој од пациентите со Ковид-19 поединечно, со што би било можно и дизајнирање на индивудализиран тераписки пристап за секој пациент.

„Овој меѓународно поддржан проект ни дава шанса да се вклучиме во глобалната научна борба за справување со пандемијата Ковид-19 и покажува дека во мала земја како нашата е препознат потенцијал за научно-истражувачка работа“, се наведува во соопштението.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Меџити: Утре ЈСП ќе добие шест електрични автобуси

Од ноќеска поскапуваат сите горива – РКЕ со нова одлука

Таравари: Функционери на ДУИ се повикуваат во обвинителствата, наскоро ќе се види кои се тие