Македонска Каменица, 24 април 2020 (МИА) – Продолжуваат вонредните дезинфекции на сите градски улици и јавни површини во Македонска Каменица. Дезинфекцијата ја вршат екипи на јавното претпријатие „Камена Река“, а оттаму информираа дека ќе бидат опфатени поголем број на јавни и приватни простори.
-Ова е третата по ред дезинфекција во општината со која ќе бидат опфатени влезовите и заедничките простори во колективните живеалишта, сите станбени згради, просторите и приодите кон маркетите, банки, пошта и јавни установи, велат од „Камена Река”.
Паралелно со тоа, ќе се продолжи и со миењето и дезинфицирање на сите градски улици.
– Со цел успешна реализација на оваа активност, апелираме до граѓаните да ги отстранат своите возила за време на нејзиното изведување. Исто така, според препораките и мерките донесени на состанок на Кризениот штаб, јавното претпријатие „Камена Река“ активно е вклучено и во изработката на пунктови за дезинфекција на возилата при влез во Македонска Каменица, посочуваат од претпријатието.
Ги известуваат и граѓаните кои живеат во индивидувални живеалишта дека во наредниот период ќе продолжи делењето на дезинфекционо средство, кое можат секој работен ден да го подигнат од кругот на претпријатието. вс/бак/