Скопје, 26 мај 2020 (МИА) – Вкупно 289 лица за време на продолжениот празничен викенд не го почитувале полицискиот час, од нив 187 се приведени, а 355 граѓани се санкционирани за неносење лична заштита на лице.
Во текот на изминатото деноноќие на ниво на целата држава, информираа денеска од МВР, 126 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 79 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. По однос на мерката за не носење лична заштита на лице регистрирани се 18 прекршоци.
За последните 24 часа на територијата на Република Северна Македонија на 68 лица им се издадени решенија за изолација, а 19 лица потпишале изјави за самоизолација. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација.
Полицијата евидентирала дека во текот на 24/25 мај, 104 лица не го почитувале полицискиот час, а 76 од нив се приведени. Лична заштита на лице не носеле 82 лица.
На 23 и 24 мај, полицискиот час го прекршиле 59 лица, 32-ца се приведени, додека 255 лица не носеле маски на лицето. цр/са/