Скопје, 10 јуни 2020 (МИА) – Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) воведува нова Програма за стипендирање на идните студенти за учебната 2020/2021 врз основа на успехот постигнат во средното образование. За најуспешните и за талетирани матуранти Универзитетот ќе обезбеди стипендии до 100 проценти за секој семестар. Аплицирањето почнува денеска на www.ibu.edu.mk и ќе трае до 25 септември, односно до пополнување на предвидените квоти.
– Новата програма предвидува целосна стипендија од 100 проценти за оние матуранти кои се прогласени за најдобри во генерацијата, што се докажува со потврда издадена од средното училиште и тие студенти ќе бидат целосно ослободени од школарина. Осумдесет отсто стипендија ќе важи за оние со среден успех 5.00 и за нив трошоците по семестар ќе изнесуваат 200 евра. За учениците со успех од 4.50 до 4.99 е предвидена стипендија од 70 отсто, односно семестарот ќе ги чини 300 евра, а за оние со успех меѓу 4.00 и 4.99, стипендијата е 60 отсто, односно школарината по семестар е 400 евра. Стипендија во висина од 50 проценти и плаќање школарина од 500 евра по семестар може да добијат средношколци со среден успех од 3.00 до 3.99, соопшти МБУ.
Новата програма за стипендии за 2020/2021 на МБУ, каде што наставата целосно се одвива на англиски јазик, важи за идни студенти од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Добиената стипендија важи и за Подготвителната програма по англиски јазик за кандидати кои немаат потребно ниво на познавање на англискиот јазик.
Идните студенти може да аплицираат за стипендии за седум факултети со 18 програми за додипломски студии во различни области. Периодот на аплицирање во првиот уписен рок е од денеска до 26 јуни, за вториот од 13 јули до 21 август, а за третиот уписен рок е од 31 август до 25 септември.
Од основањето на Меѓународниот балкански универзитет пред 14 години, Програмата за стипендии ја искористиле повеќе од 1200 студенти. хс/ац/