Кочани, 23 април 2019 (МИА) – По повод одбележувањето на 23 Април – Светскиот ден на книгата и на авторското право, општинската билбиотека „Искра“ од Кочани ги прогласи најдобрите читатели во изминатиот едногодишен период.
Во категоријата за возрасни, најдобар читател за 2019 година е Јаворка Охомуш, а во категоријата за деца и младинци Ана и Лина Мицовски. Со оглед што библиотеката не работи поради епидемијата од КОВИД-19, откажано е и планираното одбележување на Денот на книгата.
-Вонредната состојба во државата го спречи и одбележувањето на Денот на книгата за што беше предвидена пригодна програма. Во нејзини рамки требаше да се читааат пораките на врвни автори, како и творби од членовите на литературниот клуб „Копнеж“, а беше планирано и прогласувањето на најдобрите читатели за 2019 година, како што до сега беше вообичаено во нашата библиотека. Сепак, епидемијата го наруши културното живеење, а љубителите на пишаниот збор привремено ги попречува да ја посетат нашата установа и да уживаат во делата на писателите и поетите. На сите корисници на нашите услуги им посакуваме да ги почитуваат препораките и мерките за заштита, да имаат добро здравје и што поскоро повторно да бидеме заедно, истакна Коце Стоименов, директор на библиотеката „Искра“.
Од библиотеката „Искра“ информираа дека пофалниците и пригодни награди во вид на книги на најдобрите читатели ќе им бидат доделени во првата погодна прилика по стабилизирањето на состојбата со КОВИД–19. та/аа/