Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Министрите за надворешни работи на Полска, Летонија, Литванија и заменик-министерот за европски прашања на Естонија, во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, денеска се сретнаa со шефот на дипломатијата Никола Димитров, при што истакнаа дека ја поддржуваат Република Северна Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.
Министерот за надворешни работи на Полска, Јацек Чапутович на заедничката прес-конференција истакна дека ги ценат напорите што ги преземаат македонските власти во спроведувањето на реформите.
– Се надевам дека ЕУ наскоро ќе почне преговори за членство на Северна Македонија и Албанија. Го цениме учеството на Северна Македонија во Берлинскиот процес минатата година. Полска претседаваше со овој процес чија цел е да даде поддршка на европската интеграција на земјите од овој регион, рече Чапутович.
Тој изрази надеж дека за неколку недели Република Северна Македонија ќе се приклучи кон НАТО.
– Обезбедувањето на членството во овие институции, ЕУ и НАТО е особено важно затоа нашите четири земји се подготвени да го споделат своето искуство во процесот на преговори со ЕУ, но и за тоа како да се справите со безбедносните ризици кои произлегуваат од други надворешни актери. Има една етичка димензија на членството на земјите од регионот во ЕУ. Сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во ЕУ, тоа е долг кон општеството, кон граѓаните, но тука е и безбедносната димензија и има и други актери вон ЕУ кои се активни во регионот, па така одлука за почеток на преговори ќе го спречи негативното влијание, рече Чапутович.
Министерот Димитров информира дека Полска, Летонија, Литванија и Естонија се членки, дел од т.н. група „Пријатели на проширувањето“ и тука се за да ни дадат, како што рече, поддршка и јасен сигнал.
– Доаѓаат два дена по објавувањето на ажурираниот краток или како што ние го нарекуваме мини Извештај на Комисијата. Европската комисија кажа дека ние испорачавме, дека не само што продолживме, туку и ги зголемивме реформските напори и испорачавме опипливи и одржливи реформски резултати. Претходно, Комисијата предложи нова методологија за тоа како ќе се спроведува процесот на пристапување. И мислам дека овие два столба се одлична основа конечно да има испорака и од страна на ЕУ, една јасна, недвосмислена, опиплива, одржлива одлука за пристапни преговори, нагласи Димитров.
Министерот за надворешни работи на Летонија, Едгарс Ринкевич подвлече дека со нетрпение чекаат конечно да и посакаат добредојде на Северна Македонија во НАТО.
– Зборуваме и за продолжувањето на реформите, за спроведувањето на Договорот од Преспа и сметам дека е многу важно да се постигне напредок во овие две области. И се надевам дека Северна Македонија ќе продолжи да постигнува напредок како и во минатото, рече Ринкевич.
Министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус честиташе на трпението и напорите и на реформите.
– Наскоро ќе Ви посакаме добредојде како 30-та држава членка на НАТО, што е очигледен доказ за неповратниот тек на вашите стратешки определби, рече Линкевичиус, изразувајќи надеж дека и понатаму земјава ќе покажува национална кохезија.
Заменик-министерот за европски прашања на Естонија, Март Волмерн потенцира дека се тука за да ни дадат поддршка и за да изразат пофалба за сите наши постигнуавња. Тој информира дека разговарале и ја разгледале можност за продолжување на соработката.
– Денес утврдивме неколку области каде може да постигнеме напредок и да ја продолжиме нашата соработка во иднина, рече Волмерн.
Одговарајќи на новинaрско прашање дали ќе има почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија или ќе има разочарување, Линкевичиус рече дека се ќе биде направено според правилата, постапките, заслугите и затоа ни треба и консензус, така е регулирано.
– Она што го правите досега е одлично, само продолжете со исто темпо. И тоа е единствениот одговор за сите скептици. Можете да сметате на нас, без оглед на тоа што ќе се случи, рече Линкевичиус.
Министрите за надворешни работи од вчера се во посета на земјава, во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“ и синоќа беа примени и од претседателот на државата Стево Пендаровски. мд/скс/
Прес на ,,Пријатели на проширувањето’’
Posted by MИА.mk on Среда, 04 март 2020