Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесеното писмено известување, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување краткораен притвор од 48 часа за косовски државјанин со цел да се обезбедат докази за пукањето во Ѓорче Петров. Предлогот на јавниот обвинител беше прифатен и на лицето со решение му е определен краткотраен притвор од 48 часа.
За истиот настан, приведено беше уште едно лице, но тоа е пуштено бидејќи од МВР немало докази за негова инволвираност.
„Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе писмено известување за настанот што се случи на 1.3.2021 година, околу 16 часот, на улицата Борис Сарафов во Скопје, кога од патничко моторно возило ‘голф 5’, без регистарски таблички, беше пукано со огнено оружје кон автомобил ‘мерцедес’, со скопски регистарски таблички, управувано од лице од с. Горно Свиларе, при што возачот на ‘мерцедесот’ добил прострелна рана во левата натколеница.
Надлежниот јавен обвинител денеска издаде повеќе наредби за вештачење биолошки траги, на патрони од испукани куршуми и други наредби за обезбедување докази. Од добиените резултати од наредените вештачења зависи дали ќе се потврди директната инволвираност во настанот на лицето за кое беше определен краткотраен притвор. По изготвување на овие вештачења, во согласноаст со Законот за кривичната постапка, Обвинителството ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката“, соопшти ОЈО.