Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донело Наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен жител на Неготино за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.
Имено, вчера, на 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата.
Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднел предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оценил дека постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.