Утрински Весник
Свет

Пристапот „прво јас“ нè турка кон катастрофален пад во дистрибуцијата на вакцините, вели директорот на СЗО

СЗО: Се надеваме дека пандемијата ќе помине за две години

Светот е на работ на катастрофален морален пад во дистрибуцијата на вакцини против Ковид-19, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус, повикувајќи ги земјите и производителите на поправедна да дистрибуција на вакцините низ целиот свет.

Гебрејсус рече дека изгледите за фер дистрибуција се под сериозен ризик во период кога програмата на СЗО за дистрибуција на вакцини „Ковакс“ прави подготовки да започне со дистрибуција следниот месец.

Тој истакна дека минатата година биле потпишани 44 билатерални договори, а годинава најмалку 12.

„Ова може да ги одложи испораките на ‘Ковакс’ и да го создаде точно она сценарио што се обидовме да го избегнеме создавајќи ја ‘Ковакс’: создавање залихи, хаотичен пазар, некоординиран одговор и продолжување на социјалните и економските нарушувања“, рече директорот на СЗО.

Тој предупреди дека поради тоа ќе страдаат токму они на кои помошта им е најпотребна.

„Не само што овој пристап на ‘прво јас’ ги загрозува најсиромашните и најранливите, тој е и самоуништувачки“, рече Тедрос на отворањето на годишниот состанок на извршниот одбор на СЗО во Женева, пренесе „Ројтерс“.

Како што истакна, на крајот, ваквите постапки само ќе ја продолжат пандемијата.

Глобалната полемика околу вакцините се интензивира по информациите за циркулација на нови, позаразни верзии на вирусот.

Тедрос како пример за нееднаквост го посочи податокот дека повеќе од 39 милиони дози на вакцини се употребени во 49 земји со повисок приход, додека само 25 дози биле дадени во една сиромашна земја.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години