Утрински Весник
Македонија

Припадници на ранливи категории граѓани за 13 недели собраа 4,5 тони хартија и 2,5 тони пластичен отпад

Припадници на ранливи категории граѓани за 13 недели собраа 4,5 тони хартија и 2,5 тони пластичен отпад

Над 4,5 тони хартија и 2,5 тони пластика за само 13 недели се собрани и испратени на рециклирање преку проектот „Селектирам“ на невладината организација „Гоу Грин“. Отпадната амбалажа ја подигаа петмина собирачи од социјално ранливите категории граѓани, кои во периодот од август до декември работеа во 46 згради или со околу 2.000 домаќинства во општините Центар, Кисела Вода, Карпош и Аеродром.

Проектот на „Гоу Грин“ заврши на крајот на минатата година, но се очекува да продолжи од идниот месец заедно со социјалните претпријатија „Реди рециклажа“ и „Коцка по коцка“. Целта е да се рашири на 400 колективни станбени објекти низ целиот град. Минатата година петмината собирачи ја поминаа и образовната програма „Собирачи на секундарни суровини“, а беа формирани и двете социјални претпријатија. „Реди рециклажа“ треба да ги вработува собирачите и „Коцка по коцка“, ќе врши комуникација и едукација на граѓаните.

Антонио Јовановски, „Гоу Грин“ | Фото: лична архива

„Идејата за вклучување на собирачите во систем на селекција на отпадна амбалажа е присутна веќе неколку години. Прв пилот проект се реализираше во 2018 година со кој во 400 домаќинства во индивидуални куќи во населбата Лисиче се селектираше пластика и собирачите ја земаа од дворовите. Тој проект траеше само шест недели и преку него се прибраа вредни податоци кои беа охрабрување да започнеме со селекција и во зградите“, вели Антонио Јовановски од „Гоу Грин“.

Фактот дека за 13 недели биле собрани 2.405 килограми пластика и 4.550 килограми хартија или просечно по околу 185 килограми пластика и 350 килограми хартија секоја недела, според Јовановски, докажува дека не погрешиле и дека проектот ги исполнува целите, што помалку отпадна амбалажа да завршува на депонија.

Фото: Гоу грин

Сепак, предизвик, смета тој, ќе биде собирањето да се направи економски профитабилно, со оглед на ниските откупни цени на пластиката и хартијата. Заради фактот дека селекцијата и рециклирањето се огромен еколошки и социјален бенефит за заедницата, годинава ќе се бара и модел за поддршка од граѓаните или од локалните и централните институции, за да се обезбеди одржливоста.

„Позитивните страни кои ги воочивме од реализацијата на проектот се дека свеста на граѓаните расте, тие навистина сакаат да селектираат и ги применуваат новите навики доколку им се овозможат поволни услови. Ние дававме инструкции за гмечење на пластичните шишиња, празнење на течностите и слично, и најголем дел од домаќинствата се придржуваа кон инструкциите и докажаа дека имаме навистина многу еколошки свесни граѓани. Односот кон собирачите беше коректен и толерантен, а голем дел од граѓаните кои селектираа изјавија дека го прават тоа за да помогнат на сиромашните. Негативниот аспект, пак, е дека нема економска оправданост со оваа ниска цена на пластиката и хартијата, заради што се потребни огромни количини амбалажа кои се тешко остварливи за да има одржливост и за тоа треба поддршка од институциите“, вели Јовановски.

Сепак, посочува, и тоа може да се надмине, а во моментов се разгледуваат неколку опции. Едната е да се инвестира во машини за преработка и третман на пластиката и хартијата бидејќи балираната пластика има повисока цена. Втората е општините да дадат поддршка, финансиска и логистичка, или пак граѓаните да дадат симболичен месечен надомест за услугата.

„За реализацијата на првата опција е потребен инвеститор и „Реди рециклажа“ ќе го направи тој чекор, за другите две опции сме во процес на разговори. Сигурно постои некаков начин на субвенционирање што може да се спроведе со поддршка од Градот Скопје и општините, со оглед на тоа дека се работи за модел кој решава еколошки, социјални и економски проблеми со кои се соочуваме со децении. Со ‘Селектирам’ на граѓаните им се доближува селектирањето, илјадници килограми суровини ќе бидат рециклирани, а собирачите се интегрираат и вработуваат и се формализира економијата во секторот управување со отпад“, посочува Јовановски.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина