Во Албанија, според изјавата на министерката за здравство, Огерта Манастирлиу, брзите тестови ќе пристигнат во декември. Но, според податоците од тендерот објавени оваа среда, нивното пристигнување ќе се случи во најдобар случај, не порано од средината на јануари 2021 година. Во меѓувреме, Северна Македонија, Грција, Србија и Хрватска веќе започнаа да ги употребат брзите тестови за Ковид-19, со цел да се дијагностицираат лица за кои постои сомневање дека се погодени од вирусот Сарс-Ков-2, пишува „Фактоје.ал“, пренесува „Порталб.мк“.
Министерката за здравство на Албанија, Огерта Манастирлиу во видео порака упатена до граѓаните на 25 ноември, објави дека брзите тестови за Ковид-19 ќе бидат достапни во декември 2020 година.
„Продолжуваме да ги зајакнуваме нашите капацитети во целиот здравствен систем, почнувајќи со подобрување на тестирањето и следењето, а вклучувањето на брзи тестови во декември ќе овозможи дополнително ограничување на ширењето на вирусот“, рече Манастирлиу.
Една недела по изјавата на Манастирлиу, Министерството за здравство го распиша тендерот за избор на компанијата која ќе ги обезбеди брзите тестови за Ковид-19.
Според објавениот тендер на веб-страницата на Агенцијата за јавни набавки на Албанија, сумата што е обезбедена изнесува околу 5 милиони долари, а победничката компанија тестовите мора да ги донесе во Албанија во рок од една година.
Предмет на договорот објавен од Министерството за здравство е: „Набавка на брзи антигени дијагностички тестови за САРС-КОВ-2 за потребите на локалните здравствени единици, за период од 12 месеци, според списокот одобрен од СЗО“ – Рамковен договор со економски оператор – каде што се дефинирани сите услови – со рок на траење од 12 месеци со ограничен фонд од 496.000.000 леки без ДДВ.
Во однос на тендерот, утврдено е дека единечната цена ќе биде критериум за избор на победникот, додека заинтересираните компании ќе имаат рок до 18 јануари да достават понуди.
Значи, барем што се однесува на условите утврдени на тендерот објавен од Министерството за здравство, го прават рокот даден од министерката Манастирлиу за пристигнување на брзите тестови во декември, речиси невозможен.
Покрај набавките од Министерството за здравство, Албанија се очекува да обезбеди значителна количина на брзи антигени тестови од Светската здравствена организација, количина што се очекува да пристигне не порано од средината на јануари 2021 година.
Шефот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, на 11 ноември објави дека за брзите тестови потребни се 8-10 недели за да се подготват, а потоа да пристигнат во Албанија.
„Се занимаваме со времето на доставување брзи тестови по 8 или 10 недели. Се обидуваме да го забрзаме. Науката брзо се движи. Сите се координираме за да ја забрзаме оваа работа“, рече Клуге.
Што се брзите антиген-тестови за Ковид-19?
Тестовите за идентификување на луѓето заразени со вирусот Сарс Ков-2 спаѓаат во две категории: дијагностички тестови, како што се брисеви и антигени тестови, кои бараат траги од вирусот САРС-КоВ-2 и тестови за антитела (серолошки), молекули произведени од оние кои стапиле во контакт со вирусот.
За разлика од класичните брисеви на дишните патишта, дизајнирани за откривање на вируси преку техниката наречена RT-PCR (обратна верижна реакција на полимераза), за антигенскиот тест се потребни вирусни протеини кои се способни да се врзат за антитела, односно оние молекули за кои е познато дека се туѓи за нашето тело и кои предизвикуваат реакција на нашиот имунолошки систем.
Тестовите за антиген се изведуваат и со земање брис од носот или грлото, постапка што ја спроведува специјализиран здравствен персонал. Доколку се присутни вирусни антигени, антителата ги наоѓаат и ги врзуваат и тестот е позитивен. Ако не се присутни, или се присутни во многу мали количини, тестот е негативен. Резултатите се даваат во време од 15 до 45 минути и лесно се читаат (доколку има каква било инфекција, лентата ја менува бојата).
Европската комисија, на 18 ноември, го објави упатството за најефикасно извршување на брзи антиген-тестови.
„Брзите тестови за антиген треба да се користат во рок од пет дена од почетокот на симптомите или во рок од неколку дена по изложувањето на потврден случај на Ковид-19“, се вели во упатството на ЕК.
Северна Македонија, во предност со брзите тестови во однос на Албанија!
Според податоците на Министерството за здравство, обработени од платформата „Worldmeters“ , Северна Македонија извршила 335.298 тестови за Ковид-19, со други зборови, 160.943 тестови на 1 милион жители.
Од друга страна, Албанија со речиси 1 милион жители повеќе отколку Северна Македонија, заклучно со 01.12.2020 година, спровела 188.221, или со други зборови 65.435 тестови на 1 милион жители.
Во Албанија, граѓаните, медиумските работници, па дури и вработените во здравствениот систем, продолжуваат да пријавуваат задоцнување во однос на одговорите од тестирањата за Ковид-19.
Раководителот за епидемиологија на Институтот за јавно здравје во Албанија, Евгена Томини, во телевизиско интервју на 11 ноември, го призна проблемот со задоцнувањето и вети дека со брзите тестови ќе се реши проблемот.
„Не го негирам фактот дека има задоцнувања во реализацијата на одговорот. Но, во целата оваа тежина, тоа е тропање од врата до врата, и секако, има задоцнувања, но треба да се има разбирање. Има незадоволство“, рече Томини.
Шефот на одделот за инфективни болести на Институтот за јавно здравје во Албанија, Силва Бино, во ТВ-интервју на 13-ти ноември ги наведе предностите на брзите антиген-тестови. Тие многу помагаат во справувањето со Ковид-19 пандемијата, бидејќи се едноставни, може да ги изврши матичниот лекар и нема потреба од посебна лабораторија или опрема.
Епидемиологот, Илир Алимехмети, во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“, на 3 октомври, наведе и некои од предностите во однос на тестовите со брисеви што се применуваат во моментов.
„Брзите тестови на антиген Сарс-Ков-2 се готови! Ова е следниот чекор со најголема веројатност да се направи и тој е најреалниот план на краток рок. Резултатот излегува за 15-30 минути; цената е 3,9 евра или помалку; чувствителноста е 80-90 проценти; Тие можат да се изведуваат било каде“, напиша епидемиологот Алимехмети.
Некои земји во Европа, па дури и во регионот, како што се Грција, Србија или Хрватска, започнаа да применуваат брзи антиген-тестови со цел да ги идентификуваат сомнителните случаи погодени од вирусот Сарс-Ков-2.
Автор: Марјо Бракај