Прилеп, 4 мај 2020 (МИА) – Голем одзив на крводарителската акција што денеска се спроведе во просториите на прилепската локална самоуправа. Акцијата беше на иницијатива на градоачалникот Илија Јованоски, а во соработка со Институтот за трансфузиологија од Скопје
-Денеска на моја иницијатива, а во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, во просториите на Општината се одржа крводарителска акција. Одзивот на граѓаните за акцијата е голем, за што ја искажувам мојата благодарност за високиот степен на покажана свест, солидарност и хуманост, изјави Јовноски.
Јованоски нагласи дека друвањето крв е секогаш добра идеја, дури и во актуелни услови на пандемија на Ковид-19, зашто има болни на кои нашата крв им е неопходна и кои не може и не смеат да го чекаат крајот на пандемијата.
При крводарителската акција беа преземени сите безбедносни мерки, според протоколите за заштита од коронавирусот.
Инаку, според информациите од Центарот за јавно здравје од Прилеп, досега се извршени 642 тестирања, од кои 159 биле позитивни на коронавирус. Вкупниот број на излекувани лица изнесува 68. На инфективното одделение во Прилепската болница се хоспитализирани 13 лица, позитивни на коронавирусот. Еден од нив е на кислородна поддршка, останатите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат четири пациенти, двајца од нив се негативни на коронавирусот, а на другите двајца земен им е брис и се чекаат резултатите.
Во Прилеп во самоизолација се 236 граѓани. Во текот на продолжениот првомајски викенд, забележани се шест нарушувања на полицискиот час.
Инаку, за заштита на населението, во саботата и во неделата Прилеп спроведе акција за дезинфекција на населените места. Со земјоделска механизација на месното население, дезинфицирани беа улиците во петнаесетина населени места, меѓу кои и Мажучиште, Галичани, Кадино село, Мало и Големо Коњари, Беровци, Алинци и други. ем/вг/