Прилеп, 26 март 2020 (МИА) – Во прилепскиот Центар за јавно здравје очекуваат резултати од Институтот за јавно здравје од Скопје од земените брисеви на лица кои биле во контакт со двајцата заболен, сопружниците над 60-годишна возраст од Прилеп.
Центарот информира дека синот на потврдените лица до Ковид-19, се вратил од Србија на 9 март кога во оваа соседна земја имаше само еден потврден случај на коронавирус.
– Во тој момент Србија беше категоризирана како земја со низок ризик и лицата кои се враќаа од таму, не подлежеа на мерки за самоизолација и здравствен надзор, што значи лицето немало обврска да се јави во Центарот за јавно здравје, соопшти директорката на Центарот, Драгица Николоска.
Во моментов се мапирани сите контакти на потврдените случаи, а со добивање на нови позитивни резултати, епидемиолошкото истражување продолжува. Сите лица кои биле во контакт со првозаболените се во самоизолација и се ставени, со решение од ДСЗИ, под здравствен надзор.
Инаку, во моментов максимален број на скрининг тестови за пунктот во Општина Прилеп е седум тестови на ден, во периодот од 8 до 14 часот. Закажувањето е преку Мој термин кај матичниот лекар. Пациентот на тестирањето со себе треба да носи документ за идентификација. ем/сп/