Утрински Весник
Македонија

Прилепскиот економски факултет донесе одлука испитите да се полагаат со физичко присуство и со протоколи

Прилепскиот економски факултет донесе одлука испитите да се полагаат со физичко присуство и со протоколи

Прилеп, 29 мај 2020 (МИА) – Околу 700 студенти на прилепскиот Економски факултет денеска ги завршија интернет-предавањата, а Наставно-научниот совет донесе одлука за полагање на испитите со физичко присуство.

Според продеканот за настава, професорот Димитар Николоски, Наставно-научниот совет на факултетот заклучи дека има доволно просторни можности за изведување на испитите во јунската сесија со физичко присуство, што е еден од главните услови со владината уредба и секако со спроведување протокол и заштитни мерки.

– Полагањето на колоквиумите и испитите ќе се одвива со физичко присуство на студентите, бидејќи просторните услови на Економскиот факултет во Прилеп тоа го овозможуваат. При полагањето ќе се применуваат протоколите за заштита пропишани од Владата. Првата колоквиумска недела е од 3-ти до 10 јуни, а втората од 15-ти до 20 јуни, вели Николоски.

Според анкетата што ја спроведе Студентскиот парламент, студентите сакаат полагање со физичко присуство. Според Филип Петрески, потпретседател на Студентскиот парламент тоа е многу важно за квалитетно и реално да се покажат стекнатите знаења.

– Преку 90 насто од студентите на Факултетот ја следеа „онлајн наставата“. Предноста од ваквиот начин на предавања за во иден период е што, на пример, кога професорот е отсутен, може да се пречи губењето часови, доста се научи од интернет податоците, а економските науки може да „поднесат“ ваков вид предавања. Но студентите, во анкетата што ја спроведовме се изјаснија за полагање колоквиуми и, посебно, на испитите, со физичко присуство. Има можности и тоа ќе биде пореално оценување. Инаку, некои студенти немаат доволно просторни услови, но можеше да се случи за време на полагањето сите домашни да бидат во една просторија, вели Петрески.

За Ангела Митреска, од Студентскиот парламент која следеше настава од трета година, полагањето со физичко присуство е и психолошка предност.

– Многу значи за студентот да е во амфитеатрите, во професионалната средина. Ќе има повеќе концентрација и мотив да даде сѐ од себе, вели Митреска. ем/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите