Утрински Весник
Македонија

Приведена очна лекарка од Куманово која преку поткуп собрала 116.000 денари

Приведена очна лекарка од Куманово која преку поткуп собрала 116.000 денари

Полициски службеници од Отсекот за економски криминал при СВР Куманово, утрово во 7 часот, извршиле претрес во просториите на очното одделение при општата болница во Куманово, по претходно добиени сознанија за примање поткуп и злоупотреба на службената положба од страна на лекарката Е.С.

Како што информираат од МВР, покрај во работните простории, со обезбедена судска наредба, претрес бил извршен и во автомобил „опел астра“, паркиран во кругот на болницата.

При претресот во очното одделение на болницата, од медицинската сестра одземени биле 18.000 денари, а при претрес во возилото, сопственост на лекарката Е.С. одземени биле околу 98.000 денари.

Лекарката Е.С. е приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО Куманово.

Имено, Е.С. се товари дека ја злоупотребила службената положба и овластување и примала поткуп од пациенти, така што правела хируршки интервенции во службени простории на општата болница во Куманово и за интервенциите противправно земала по 12.000 денари, иако пациентите се здравствено осигурени преку ФЗО и за истата интервенција би требало да платат само партиципација, но партиципација не им била наплаќана.

Парите пациентите ги давале лично на пријавената, непосредно пред да се изврши хируршката интервенција, а за што не добивале документ за платената услуга.

Можете да прочитате

Шести ден блокада кај Љубојно против масовната сеча, полицијата казни учесник во протестот поради попречување на патот

Жичарницата на Водно работела без дозвола додека превезувала деца и туристи, тврди Зајкова

Кедев: Заради профит, некои болници оперираат пациенти без потреба