Скопје, 8 мај 2020
ПРЕПОРАКИ НАМЕНЕТИ ЗА РАБОТА НА БИЗНИС ОПЕРАТОРИТЕ СО ХРАНА ВО УСЛОВИ НА ПРИСУСТВО НА И МОЖНА ИНФЕКЦИЈA СО КОВИД -19 – угостителска дејност: угостителски објекти за исхрана, како и угостителски објекти за сместување во кои што се подготвува и послужува храна за гостите
I. Избегнување на пренос на инфекцијата од човек на човек
– Секој вработен да се усогласи со основните мерки на лична заштита – хигиена на раце, физичко дистанцирање и избегнување на допирање на очите, носот и устата.
– Во тек на работењето вработените да ја одржуваат препорачаната дистанца од 1,5 – 2 метри, како помеѓу себе, така и при комуникација со потрошувачите.
– Вработените задолжително да ги измијат рацете со сапун и вода во времетраење од 20-40 секунди, а по потреба да извршат и дезинфекција:
o пред отпочнување на работните активности,
o по завршување на одредена работна операција,
o по вадење на заштитната опрема за работа,
o по завршување на паузата за одмор.
– Дезинфекцијата на рацете да се врши со раствори на база на алкохол во концентрации не помали од 70% или пак со соодветни гелови.
– Секој вработен да носи заштита на лицето, а зависно од работното место да се обезбеди и друга дополнителна заштитна опрема како што се штитови за лице, водонепропустливи престилки, гумени ракавици и чизми.
– Вработените задолжени за одржување на хигиената од опрема треба да располагаат со: гумирани ракавици, наметка за еднократна употреба и каљачи. Во постапка кога има прскање при миење на површини, потребен е штит за лице, како и водонепропустлива престилка.
– Просторијата која се користи за пауза за одмор, потребно е природно да се вентилира, во неа да се исклучи подолг престој од 15 минути и групирање на вработените, (да се отстранат масите и столиците или пак да се преуреди нивниот распоред), односно да се применува мерката за физичко дистанцирање од 2 метри, а за потсетување да се постават знаци за одржување на дистанцата.
– Темелно чистење на оваа и сите останати простории, да се врши на крајот од работното време.
– Да се избегнува споделување на лични предмети (чаши, прибор, крпи за бришење) помеѓу вработените.
– Предавањето на смената да е во траење не подолго од 15 минути.
– За вработените обезбедете марамчиња за дезинфекција, како и корпи за отпадоци и други садови за отстранување на отпадоци без допир.
– По завршување на работното време маските, ракавиците и другата заштитна опрема за еднократна употреба да се стават во сад со поклопец само за таа намена пред нивното отстранување.
– Во делот за послужување поставување на масата да биде максимум за 4 лица сместени на површина од 10 квадратни метри. Растојанието од задниот дел од столицата до задниот дел од столицата на соседната маса да се на растојание од најмалку 1 метар, а гостите да се гледаат едни со други на растојание од најмалку 1, 5 метар.
– Назначете лице кое е одговорно да одговори на предизвиците со КОВИД -19. Вработените треба да знаат кое е ова лице и како да го контактираат.
– На влез на работното место, на други места на видно место поставете постери што ги охрабруваат вработените да останат дома кога се болни и кога имаат кашлица, кога киваат, како и слики за одржување добра хигиена на рацете.
– Ограничете го движењето на персоналот ако операторот има повеќе објекти. Кога и да е можно, практикувајте комуникација на далечина.
– Работодавците не треба да бараат позитивен резултат на тестот КОВИД -19 или белешка од давателот на здравствена заштита за вработените кои се болни да ја потврдат својата болест, да се квалификуваат за боледување или да се вратат на работа.
– Обезбедете информации со кого да контактирате ако вработените се разболат. Доколку се потврди дека некој вработен има инфекција со КОВИД -19, работодавците треба да ги известат останатите колеги на работното место за можната изложеност на КОВИД -19.
– Спроведувајте задолжително дезинфекција на гостите при влез во објектот, пред консумирање на храна и пијалаци, како и при излез од објектот.
– Во помалите објекти, да се разгледа можноста за шалтерско послужување.
– Потребно е да се постават визуелни знаци, како што се парцели или обоени ленти или други знаци за да им укажат на гостите каде треба да се движат, а за да се обезбеди потребната дистанца помеѓу нив.
– Имплементирајте систем на ротација за вработените, за да им се овозможи редовно миење на рацете.
– Доколку е возможно, да се зголеми растојанието помеѓу касата и терминалот за електронско плаќање.
– Со цел потсетување на гостите и вработените заради одржување на дистанцата во објектот, таму каде што е соодветно, користете соопштенија преку звучник и поставете знаци во целиот објект (при влезот, делот за послужување, бифе, шанк, просториите за одмор, тоалети и сл.).
– Обезбедете марамчиња за дезинфекција за еднократна употреба, средство за чистење или спреј за да можат вработените да ги бришат често допираните површини како што се просторот за работа, површините на кои се сервира и послужува храна, апаратите за вода, пијалаци и кафе, касите, апаратите за плаќање на допир со кредитни картички, рачки на вратите, клуб масички, останати работни површини, колички за дотур на храна и сл.
– Доколку сте во можност, обезбедете видео надзор на објектот за полесно и поефикасно мониторирање на состојбата во објектот во целина.
– Операторот со храна да изработи куси документи или информативни постери со кои ќе ги засили, односно потенцира клучните пораки меѓу персоналот, гостите односно потрошувачите, како и листа за итни телефони.
II. Избегнување на пренос на инфекцијата преку контаминиран прибор и опрема која е во контакт со храната и гостите
– Во услови кога објектот не бил во функција подoлг временски период, извршете темелно механичко чистење на целиот објект, а потоа направете дезинфекција, дезинсeкција и дератизација од страна на овластена установа.
– Исчистете и дезинфицирајте ги честопати допираните површини во просториите. Ако површините се видливо валкани, исчистете ги пред дезинфекција. За дезинфекција, користете производи што ги исполнуваат критериумите за употреба против КОВИД-19, како што се разредени раствори за белење на домаќинството подготвени според упатството на производителот за дезинфекција или алкохолни раствори со најмалку 70% алкохол за дезинфекција на површината. Следете ги упатствата на производителот за употреба.
– Зачестено чистете ги работните површини каде што се сервира и послужува храна и пијалаци, масите и приборот на нив, ладилниците, апаратите за кафе/вода и други пијалаци.
– По секое послужување на гостите да се менуваат чаршафите и салфетките. Чаршафите и салфетките од масите перете ги вообичаено.
– Извршете дезинфекција на масата како и на металните односно пластичните делови од столиците наменети за гостите во делот за послужување.
– Измијте го и дезинфицирајте го искористениот прибор за јадење и послужување (лажици, виљушки, ножеви, садови за зачини во што се чуваат зачините), вклучително и оној прибор кој гостите не го искористиле.
– Се препорачува употреба на крпи за чистење за еднократна употреба.
– Не користете материјали/опрема за чистење направени од апсорбирачки материјали. При употреба на крпи кои што се перат употребувајте ги оние со помала апсорбирачка моќ.
– Приборот направен од текстил, како и работните униформи на вработените, ставајте ги во вреќи за перење без при тоа да се подига прашина, на тој начин ќе се одбегне контаминација на околните површини.
– Перењето се врши на температура повисока од 70 степени.
– Материјалите за еднократна употреба (маски, ракавици бришачи) се ставаат во сад со поклопец.
– Целиот приборот за јадење и другите садови мијте го во машини за миење на садови.
– Рачното миење на садови да се врши по следниов редослед: миење, дезинфекција, плакнење и сушење со хартиена крпа за еднократна употреба.
– При влез и излез во и од просториите во кои се служи храна и/или пијалаци вработените и гостите задолжително да ги дезинфицираат рацете.
– Во делот од објектот каде гостите сами се послужуваат да се избегне непотребно манипулирање со храната. Се препорачува почесто менување на лажици мешалки, маши и сличен прибор кој е потребно да се остава во посебни контејнери за таа намена. Површините каде се послужува храната да се чисти и дезинфицира пред секое надополнување.
– Апаратите за вода, кафе и други пијалаци односни нивни делови кои што доаѓаат во контакт со рацете на корисниците треба да се чистат по секоја употреба.
– Просторот кај шанкот дезифицирајте го по секој послужен гостин.
– Вршете зачестена дезинфекција на најчесто користените површини, копчиња од апарати за кафе, чај, прекинувачи, кваки и останати.
– Обезбедете можност за алтернативно далечинско купување, вклучувајќи испорака до дома, продавница по телефон, со цел да се ограничи присуството на гостите во објектот.
– Заради избегнување на контактот со гостите, дотурот на намирниците (доколку е можно) да се врши по завршување на работното време.
– Терминалите каде што се врши плаќање на купените производи да се дезинфицираат по секоја извршена наплата
– Наменските возила за дистрибуција на храна најмалку еднаш на ден да се чистат и дезинфицираат.
– Утоварот и истоварот на прехранбените производи да не го врши лицето кое управува со возилото за дистрибуција.
– Постапката за дезинфекција да биде евидентирана со податоци за лицето кое што извршило дезинфекција, место каде што е направена дезинфекцијата средството со кое е извршена дезинфекцијата, како и датум и време на извршената дезинфекција.
III. Избегнување на пренос на инфекцијата во тек на постапка на прием на прехранбените производи (храната) и нивно поставување до консументите (гостите)
– Сите прехранбени производи од магацинските простории да се дистрибуираат од страна на вработени кои покрај заштитната опрема за лицето, задолжително да носат заштитни ракавици.
– Полиците и разладните уреди каде што треба да се чуваат и постават производите треба да се претходно чисти и дезинфицирани.
– Да се избегнува било какво дополнително препакување и манипулирање со храната и прехранбените производи.
– Сите отпадоци да се собираат во корпа за отпадоци со поклопец , искористената заштитна опрема на вработените да се чува во посебен контејнер со поклопец.
Агенција за храна и ветеринарство
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.