Утрински Весник
Економија

Преполовени површините со житни култури, интересот за земјоделство намален

Преполовени површините со житни култури, интересот за земјоделство намален

Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Пред 30 години во земјава се засејуваа по околу 260.000 хектари житни култури, а денес површините се сведени на вкупно 119.000 хектари. И додека трендот на производство се намалува, опаѓа и бројот на вработените во земјоделството. Тие сé повеќе си одат, заминуваат во Чешка, Германија,… Само ако производството биде одржливо, ако се вложи во технологија и ако имаме едноставни, применливи закони, може да се очекуваат добри резултати, рече денеска претседателот на Агро бизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК), Огнен Оровчанец.

Тој смета дека субвенции треба да има, но распределбата мора да биде по европски терк. Треба да се поврзе приносот со површината и конечно да се разграничи што е сериозно земјоделство, а што дополнителна дејност.

-Надолниот тренд трае веќе три децении, а клучните причини за тоа се миграцијата на населението и климатските промени. Евидентен е и намалениот интерес за земјоделството. Сепак, позитивн тренд е зголемениот извоз на земјоделско-прехранбени производи кој лани во споредба со 2018 година за 14,5 отсто, рече Оровчанец.

Според него, извозот може да се поттикнува и има сериозен потенцијал за раст ако се фокусираме на производи со зголемена додадена вредност како финалните преработки (вино, тутун, житарки, семенски материјал, фуражни култури).

Оровчанец информира дека есенските посеви се во добра кондиција, но потребно е, препорача, да се прихранат со гранулирани и фолијарни ѓубрива богати со азот, а потоа и да се истретираат со инсектициди, хербициди и фунгициди. Од вкупно 119.000 хектари под есенски култури, 44.000 се со јачмен, а 79.000 со пченица. 

-Во пресрет на пролетната сеидба се врши финална обработка на површините и неопходно ѓубрење. Кога температурата на земјата ќе биде 8 до 9 степени целзиусови, може да се почне со сеидба на сончогледот, а за пченка минималната температура треба да биде 12 степени.  Раната сеидба дава добри предуслови за подобра жетва. Препорачуваме да се садат високо квалитетни сорти за повеќе приноси и да не се прават експерименти со нови сорти на големи површини, за потоа и евентуалното разочарувањето да не биде големо. За адаптација на земјоделското производство и предизвиците кои ги носат климатските промени, неопходно е да се применуваат сорти кои се отпорни на суша и болести, истакна претседателот на Агро бизнис комората. мч/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен