Премиерот, Зоран Заев го прими командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој со делегација на НАТО е во посета на нашата земја по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во Алијансата.
На средбата, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и бригадниот генерал Симеон Трајковски, началник на Ј-5 секцијата во Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, премиерот Заев му се заблагодари на Бурк за честа што Алијансата со присуство на свои високи претставници ќе учествува во одбележувањето на првата годишнина од членството на земјата во НАТО.
„Членството во НАТО е остварување на определбата на граѓаните и на политичките елити во земјата негувана и афирмирана низ годините наназад уште од прогласувањето на независноста на Северна Македонија. Во таа насока, во текот на периодот што претходеше на тој чин, работевме на исполнувањето на политичките критериуми во делот на унапредување на демократијата, слободите и владеењето на правото, како и на трансформацијата на нашата армија во согласност со стандардите на Алијансата“, потенцираше премиерот Заев.
Тој информираше дека Владата продолжува да инвестира во Армијата на Северна Македонија со буџетска поддршка која расте дури и во време на пандемијата кога приоритет е поддршката за санирање на социоекономските последици за која до сега се издвоени 1,3 милијарди евра.
Командантот на Сојузничката команда на здружени сили во Неапол, адмиралот Роберт Бурк од своја страна нагласи дека му е чест што предводи делегација на Алијансата по повод првата годишнина на Северна Македонија во НАТО и го истакна придонесот што земјата го даваше и во периодот пред пристапување во членството во сојузот, и дека значаен удел за успешното остварување на овој процес имаше лидерството на земјата во последните 4 години кога се донесоа најзначајните одлуки за остварување на оваа цел.